За една компанија, времето потребно за добивање документ не е само административно прашање, туку директен трошок и фактор што влијае врз нејзината конкурентност. Доколку институцијата доцни, доцни и компанијата. Со новите електронски услуги ги поедноставуваме и забрзуваме постапките и создаваме подобри услови за компаниите што произведуваат, извезуваат и ја движат македонската економија, истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерот Андоновски и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, денеска ги промовираа двете нови електронски услуги на Инспекторатот, кои отсега се достапни преку Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk:
– „Уверение за квалитет – сертификат за земјоделски производи, преработки и стоки“;
– „Уверение за квалитет В1 – сертификат за извоз на вино“.
Новите услуги се наменети за земјоделските производители, преработувачите, винарниците и извозниците. Станува збор за постапки поврзани со квалитетот на земјоделските производи и извозот на вино, односно со сектори што создаваат домашна вредност, обезбедуваат работни места и ја претставуваат Македонија на странските пазари.
Со поврзувањето на услугите со Националниот портал, компаниите, покрај во хартиена форма, ќе можат да ги добиваат сертификатите и електронски, со иста правна важност. Со тоа се поедноставува целокупната постапка, се скратува времето потребно за добивање на документите, се елиминира потребата од нивно лично подигнување во Инспекторатот и се намалуваат административните и финансиските трошоци за компаниите.
Дигитализирана е и постапката за плаќање на административните такси. Наместо плаќање со хартиени уплатници, компаниите ќе можат да ги подмират таксите електронски, преку апликациите за електронско банкарство.
„За нас, дигиталната трансформација не претставува само воведување нова технологија. Таа е промена на начинот на кој функционира државата и на односот што институциите го имаат кон граѓаните и компаниите. Националниот портал uslugi.gov.mk го развиваме како единствена точка преку која јавните услуги ќе бидат достапни едноставно, сигурно и без непотребно губење време“, нагласи Андоновски.
Министерот посочи дека дигитализацијата има важна улога и во зголемувањето на транспарентноста и намалувањето на ризиците од корупција.
„Кога постапките се дигитални, правилата се однапред утврдени и еднакви за сите, се намалува непосредниот контакт таму каде што не е потребен, се ограничува просторот за субјективно одлучување и се создава јасна електронска трага за постапувањето на институциите“, рече Андоновски.