Во Гостивар се регистрирани 71 нов прв контакт поврзан со епидемијата, а министерот за здравство Сашо Клековски оцени дека тоа укажува на смирување на состојбата.
„Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Крај на епидемијата ќе има само кога врз основа на епидемиолошките анкети ќе се утврди дека веќе нема случаи поврзани со градскиот водовод во Гостивар“, изјави Клековски.
Според него, намалувањето на бројот на новорегистрирани случаи е резултат на подобрувањето на квалитетот на водата, поради соодветното хлорирање и засилената контрола на водоводниот систем.
Министерот рече дека параметрите за квалитетот на водата се подобруваат и изрази очекување дека до крајот на неделата би можеле да бидат исполнети условите водата повторно да биде безбедна за пиење, но нагласи дека конечната одлука ќе ја донесе Управувачкиот комитет.
Одговарајќи на новинарско прашање за наводите за двојно зголемена партиципација за уринокултура и за тоа што граѓаните приватно ги купуваат лековите, Клековски рече дека не може да одговори за висината на партиципацијата и дека ќе ги провери тие информации.
Во однос на терапијата, тој појасни дека симптоматската терапија не е на позитивната листа за граѓаните од целата држава, додавајќи дека во моментов нема услови таа да биде ставена на листата.