Три нови случаи на западнонилска треска, меѓу нив и лица кои не патувале надвор од државата


klekovski-screenshot-2026-07-29-122637.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во земјава се потврдени три нови случаи на западнонилска треска, со што вкупниот број евидентирани случаи годинава се искачи на 11.


Министерот за здравство, Сашо Клековски соопшти дека двајца од новозаболените се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а еден пациент е сместен на Клиниката за неврологија.

„Покрај случаите поврзани со престој во Грција, сега имаме и случаи кај лица кои не патувале надвор од државата и се од подрачјето на Скопско поле“, изјави Клековски.

Тој посочи дека во Скопје веќе се преземени стандардните мерки, односно се спроведува дезинсекција во радиус од 200 метри околу потврдените случаи, во координација со Центарот за јавно здравје – Скопје.

„Ќе видиме, согласно препораките, дали ќе биде потребно дополнително прскање од земја“, рече министерот.

Еден од новите случаи е од Велес, а за него сè уште се спроведува епидемиолошка анкета за да се утврдат околностите под кои дошло до инфекцијата.

Клековски нагласи дека околу 80 проценти од заразените со западнонилска треска немаат симптоми, додека потешка клиничка слика најчесто се развива кај повозрасни лица, особено кај оние над 60 години.

Тој додаде дека Комисијата за заразни болести континуирано ја следи состојбата и дека во моментот нејзиниот главен фокус е насочен кон вектор-преносливите заболувања.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK