Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ги отфрли тврдењата на ЈП „Комуналец“ – Гостивар дека две години чека согласност за поставување на водоводна инфраструктура, наведувајќи дека причината за неиздавањето на одобрението е неисполнување на законските процедури од страна на Општина Гостивар.
Од ЈПДП информираат дека во февруари 2024 година Општина Гостивар поднела барање за водоводна мрежа, по што на 26 април истата година била изготвена пресметка за уплата во износ од 16.588 денари. Според претпријатието, оваа сума никогаш не била уплатена, поради што не можело да биде издадено одобрението.
Дополнително, во март 2024 година било поднесено уште едно барање за цевковод за водоснабдување. Иако бил изготвен записник од надзорен орган, Општина Гостивар, како што тврдат од ЈПДП, не ја доставила потребната техничка документација за добивање дозвола.
Од претпријатието наведуваат дека по овие две барања не е поднесено ново барање, и покрај повеќето одржани состаноци меѓу двете институции. Посочуваат и дека од почетокот на 2026 година сите управни постапки се водат електронски, а во тој период не е пристигнато никакво барање за водовод од Општина Гостивар.
Реакцијата на ЈПДП следува откако претходно ЈП „Комуналец“ – Гостивар соопшти дека околу 600 метри од водоводната траса не можат да бидат завршени бидејќи веќе две години чекаат согласност од Јавното претпријатие за државни патишта.