Реал Мадрид направи клучен чекор во трката за еден од најбараните млади таленти во Европа, Јан Диоманде, постигнувајќи усмен договор за личните услови со крилниот напаѓач на РБ Лајпциг. Со тоа, „Кралскиот клуб“ се изедначи со Пари Сен Жермен, кој доби „зелено светло“ од играчот уште во јуни.
Минатиот месец, Парижаните се согласија на петгодишен договор со Диоманде до 2031 година и не се откажуваат од неговото доведување. Сепак, сега кога Реал Мадрид има принципиелен договор со играчот, двата клуба се соочуваат со истата, главна пречка – клубот од Бундеслигата, РБ Лајпциг.
Имено, РБ Лајпциг сè уште не постигнал договор со ниту еден од заинтересираните клубови. Германците веќе ја одбија првата понуда на Реал, која беше фиксна од 90 милиони евра, со дополнителни 10 милиони евра бонуси.
Лајпциг инсистира на отштета од 130 милиони евра, при што поголемиот дел од износот треба да биде фиксен и да не биде поврзан со бонуси. Реал сега подготвува нова, подобрена понуда.
Во меѓувреме, ниту ПСЖ не седи со скрстени раце. Според најновите информации, францускиот шампион повторно контактирал со Лајпциг за да се обиде да го прекине застојот во преговорите што траеше неколку недели. И покрај разговорите меѓу претседателот Насер Ал-Келаифи и директорот на Лајпциг, Оливер Минцлаф, ПСЖ сè уште не испратил официјална понуда.
Трката за Диоманде беше особено фрустрирачка за Ливерпул. „Црвените“ беа првите што направија конкретен потег, нудејќи пакет од 100 милиони евра (80 милиони фиксни и 20 милиони бонуси), но понудата беше одбиена. Откако стана јасно дека играчот претпочита други дестинации, Ливерпул целосно се повлече од трката.
Foto/ Depositphotos