Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека Владата ќе ги намали акцизите на дизелот и безоловните горива поради очекуваниот раст на цените на нафтените деривати, а по ова следуваше реакција од СДСМ, од каде оценија дека Владата реагира предоцна.
Мицкоски изјави дека, поради состојбата на Блискиот Исток, растот на цената на нафтата на светските берзи и посилниот долар, очекува поскапување на горивата. Тој најави дека Владата ја продолжила кризна состојба за уште три месеци и дека ќе следува намалување на акцизите и кај дизелот и кај безоловните горива.
По ова, од СДСМ соопштија дека со месеци предупредувале на потребата од мерки за заштита на граѓаните од растот на цените, но дека Владата не реагирала навреме.
„Ова е уште еден пример како ВМРО-ОКГ реагира дури кога е веќе предоцна, а не кога проблемот може да се спречи. Наместо превентивни мерки, добивме реакција откако штетата е веќе направена“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека граѓаните со месеци плаќаат повисоки цени на горивата, храната и другите производи и дека најавените мерки претставуваат задоцнета реакција, наместо навремена економска политика.