По години поминати во Лос Анџелес, каде што пишува, создава и соработува со врвни музички професионалци, Боби Андонов отвора ново поглавје во својата кариера со песната „Момент“, односно ново музичко издание на македонски јазик.
Светски, а сепак наш – Боби е еден од оние артисти што со својот специфичен вокал, препознатлива боја на гласот, имиџ и музички сензибилитет одамна ги надмина локалните рамки. Неговиот музички пат го однесе до Лос Анџелес, но Македонија и македонската публика остануваат важен дел од неговата приказна.
„Момент“ е создадена од искрена и лична емоција, а инспирацијата е неговата сопруга и моментот кога првпат ја запознал.
„Од тој момент знаев дека таа е љубовта на мојот живот, сè за што сум сонувал. Песната е за тоа чувство кога знаеш дека си ја нашол личноста што те прави целосен“, вели Боби.
Во создавањето на „Момент“ учествува и Магдалена Цветкоска, чиј начин на претворање на емоциите во зборови Боби особено го цени. Откако ѝ го испратил првичното демо, таа веднаш ја препознала идејата и значењето зад песната, по што почнала нивната соработка.
Продукцијата и аранжманот ги потпишуваат Боби Андонов и Греми-наградениот продуцент Дони Браво, кој соработувал со имиња како Бени Бланко, Дисклужр, Крис Браун. Според Боби, токму комбинацијата на нив тројца го создала вистинскиот тим за оваа песна.
Македонската публика го памети Боби уште од неговите детски музички почетоци, песната „Прати ми СМС“ и настапот на Детската Евровизија, но и од моментот кога, како дванаесетгодишно момче, пееше со Тоше Проески на неговиот концерт во Мелбурн. Токму тие искуства ја поставија основата на неговиот музички пат и го донесоа до светската музичка сцена.
„Момент“ е само почеток на ново поглавје. Боби најавува нова музика и на македонски и на англиски јазик, а во иднина се надева и на заедничка работа со Магдалена Цветкоска на македонски албум. Во неговите планови е и почесто присуство во Македонија, како и повеќе настапи пред домашната публика.
„На сите што ме следат и ме поддржуваат уште од ‘Прати ми СМС’ – ви благодарам! Конечно го добив тој СМС, од љубовта на мојот живот, и од него се роди мојата нова песна ‘Момент’. Ви благодарам од срце. Се надевам дека ќе уживате!“
Со „Момент“, Боби Андонов се враќа кон македонската публика и најавува период во кој Македонија повторно ќе има значајно место во неговата музичка приказна.