Изложба „Архитектура на невидливото“ од македонскиот уметник Страхил М. Петровски во Македонскиот КИЦ во Софија


pokana_mk_s_p_2026.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија на 16 јули (четврток), со почеток од 18:30 часот, ќе се отвори изложбата „Архитектура на невидливото“ од македонскиот визуелен и мултимедијален уметник Страхил М. Петровски.


За делото на Петровски ќе говори проф. д-р Зоран Пејковски, директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

АРХИТЕКТУРА НА НЕВИДЛИВОТО

За автономијата на сликарскиот јазик и современата естетика на тишината

Постојат изложби што го привлекуваат вниманието со визуелната спектакуларност на формата, со наративната јасност или со непосредната комуникативност на своите пораки. Но, постојат и изложби што не се стремат кон брза рецепција, туку кон постепено интелектуално и естетско откривање. Нивната вредност не произлегува од количината на информација што ја нудат, туку од густината на искуството што го создаваат. Токму во оваа втора категорија припаѓа изложбата „Архитектура на невидливото“ на Страхил Петровски – автор чие творештво со години се развива како доследно истражување на границите меѓу материјата, визуелната структура и човечката перцепција.

Во време кога современата визуелна култура е обележана со пренатрупан и забрзан проток на визуелни содржини, на слики, со доминација на дигиталните медиуми и со постојано произведување на нови визуелни содржини, самото гледање станува сè пократкотрајно. Сликите се менуваат побрзо отколку што може да се воспостави нивното вистинско значење. Перцепцијата постепено се претвора во механизам на препознавање, а не на разбирање. Во таков културен контекст, современото сликарство се соочува со суштински предизвик: како повторно да ја воспостави можноста за внимателно гледање, и како да ја врати автономијата на визуелното искуство.

Одговорот што го нуди Страхил Петровски не произлегува од желбата за формална иновација по секоја цена, ниту од потребата да се следат актуелните тенденции на современата уметничка продукција. Неговата позиција е изградена врз доследна доверба во потенцијалот на сликарството како самостоен јазик. Тоа не е јазик што ја раскажува стварноста, туку јазик што ја создава сопствената реалност преку односите меѓу формата, материјата, ритамот и просторот.

Во ова творештво не постои желба да се репродуцира видливиот свет. Напротив, уметникот го насочува вниманието кон оние елементи што обично остануваат надвор од непосредното визуелно препознавање. Наместо фигура, се појавува структура, потоа наместо предмет, ритам, а наместо опис, трага, белег. Така што, сликата престанува да биде прозорец кон надворешниот свет и станува автономен систем во кој секој елемент ја добива својата вредност исклучиво преку односот со останатите визуелни компоненти.

Притоа, треба да се напомене дека оваа автономија не треба да се разбере како изолираност од реалноста. Напротив, токму преку откажувањето и свесното напуштање на директното прикажување, авторот создава можност за подлабоко размислување за самата природа на современото искуство. Светот не е отсутен од неговите дела, туку тој е присутен како меморија, би рекле како енергија, но и како ритам, а се разбира и како материјален запис. Во тој случат гледачот не препознава конкретни предмети, туку препознава состојби – напнатост, мир, густина, празнина, концентрација, динамика. Така што, на тој начин, визуелното искуство се ослободува од обврската да именува и започнува да делува преку сопствената пластична логика.

Во современата теорија на уметноста одамна е напуштена претпоставката дека значењето на делото произлегува исклучиво од неговата симболика, бидејќи многу поважен станува начинот на кој е организирана визуелната информација, т.е. како се распределуваат ритмите, тежиштата, празнините и материјалните акценти. Во таа смисла, делата на Страхил Петровски можат да се читаат како сложени визуелни конструкции во кои секоја интервенција претставува дел од една прецизно контролирана композициона економија.

Неговите слики никогаш не функционираат како случајни акумулации на движења. И кога површината изгледа експресивно, зад неа постои исклучително дисциплинирана организација. Балансот меѓу густите и празните зони, меѓу мат и рефлексивните површини, меѓу темните маси и светлосните акценти создава ритам што постепено го води погледот низ композицијата. Таа организација не е резултат на математичка строгост, туку на длабоко развиена визуелна интуиција, која произлегува од долгогодишно истражување на материјалот и неговите пластични можности.

Токму затоа изложбата не треба да се согледува како серија независни дела, туку таа претставува внимателно конципирана визуелна целина во која секоја композиција воспоставува дијалог со соседната. Просторот на галеријата не е само место за изложување, туку активен елемент на интерпретацијата. Односите меѓу делата создаваат нови визуелни значења што не можат да се согледаат доколку секоја слика се анализира изолирано. Така што, изложбата се развива како просторен ритам, како архитектура составена од визуелни паузи, материјални акценти и внимателно дозирани тишини.

Впрочем, и насловот „Архитектура на невидливото“ произлегува токму од ова разбирање на просторот. Архитектурата овде не означува градење на физички форми, туку обликување на односи, а невидливото не претставува мистична категорија, ниту пак апстрактна метафора. Туку, тоа е сè она што не може директно да се именува, а сепак е суштински дел од визуелното искуство: ритамот меѓу формите, енергијата на материјалот, меморијата на гестот, тишината меѓу боите, времето впишано во површината. Па, според тоа, авторот не се обидува да ги прикаже овие состојби, туку тој создава услови тие да бидат почувствувани.

И затоа можеме да речеме дека оттука произлегува и особената позиција на гледачот. Пред овие дела не е доволно само да се гледа, туку потребно е да се воспостави однос на внимателно набљудување, на постепено откривање на нивната внатрешна организација, бидејќи вистинската комуникација започнува тогаш кога ќе престане потребата веднаш да се препознае мотивот. Па наместо препознавање, се појавува процес на визуелно истражување, така што, наместо да се бара одговор, се отвора прашање, а токму во таа отвореност лежи најголемата интелектуална вредност на оваа изложба.

Проф. д-р Зоран Пејковски

Страхил М. Петровски е роден 1974 година во Куманово, Република Македонија. Претставник е на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научно-истражувачки проект „Брестал”, под менторство на проф. Момчило Петровски, на Факултетот за ликовни уметности – Скопје.Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје. Од 2024 година, работи како советник конзерватор – реставратор за метал и дрво во НУ Музеј на македонската борба за самостојност. Истата година е избран за Вонреден професор по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK