Жирито на фестивалот за фантастични филмови Монтевидео Фантастико во Уругвај му додели Специјално признание за гласовна актерска изведба (Special Jury Mention – Voice Acting) на актерот Жарко Димоски, за главната улога во филмот „Јон Вардар против галаксијата“.
Во образложението, жирито истакнува дека признанието е доделено поради силата, карактерот и енергијата на неговата гласовна интерпретација, која се издвојува како еден од клучните елементи што му даваат препознатлив идентитет на филмот.
„Ова е голема чест за мене, и како поединец и како дел од екипата на филмот. Особено ми е драго што со „Џон Вардар против Галаксијата“ достојно ја претставуваме Македонија на меѓународната сцена. Секогаш сум верувал дека е многу важно да ја работиш работата што ја сакаш. Како што вели една мисла што многу ја ценам: ако не го дадеш својот максимум, џабе ти е талентот.“ – изјави Жарко Димоски.
Ова е уште едно меѓународно признание за „Јон Вардар против Галаксијата“, првиот македонски долгометражен анимиран филм, кој по светската премиера на фестивалот во Ситгес продолжува успешно да се прикажува на фестивали ширум светот, освојувајќи награди и признанија.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.