Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека малку е веројатно дека мирот во Украина ќе биде постигнат наскоро и додаде дека очекува Русија да ја продолжи војната барем до почетокот на зимата.
Туск им изјави на новинарите во Париз дека разговарал за ситуацијата во Украина со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Во овој момент, се чини малку веројатно e дека ќе се постигне прекин на огнот или мировен договор во блиска иднина, со оглед на непопустливиот став на Русија и (претседателот Владимир) Путин“, рече Доналд Туск.
Туск оцени дека сите во моментов очекуваат ескалација на руските дејствија и дека е многу веројатно дека Русија ќе сака да ја продолжи војната барем до зимата.
Полска ќе биде домаќин на воени вежби со француски и британски трупи на есен, за да можат да бидат подготвени да обезбедат безбедност за Украина и регионот откако ќе се постигне мировен договор или прекин на огнот.
„Ова ќе бидат вежби што ја подготвуваат целата коалиција (на оние што се подготвени) собрана денес во Париз за такви вистински безбедносни гаранции за Украина, но и за регионот“, рече Туск, кој е меѓу гостите во Париз по повод францускиот национален празник Денот на Бастилја.