Влада на резултати, наместо за комфор, функциите мора да се заслужат, порача Мицкоски


74e52683-f018-d6f7-1c68-2738d74f24aa.webp.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од првиот ден кога ја презедовме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде влада на комфор, туку влада на резултати. Нема да биде влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува, истакна премиерот Христијан Мицкоски на собраниска седница на која треба да бидат претставени новите министри.


Функцијата, додаде Мицкоски, никогаш не била и никогаш нема да биде цел сама по себе.

„Довербата што граѓаните ја дадоа пред две години не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, ниту на која било политичка партија. Таа доверба им припаѓа единствено на граѓаните. Ние сме само привремени чувари на таа доверба.
И затоа имаме обврска постојано да се преиспитуваме“.

Влада што престанува да се преиспитува, како што рече, почнува да стагнира.

„Нашата цел никогаш не била само да управуваме. Нашата цел беше да менуваме. Да ги менуваме институциите, навиките. Да ја менуваме политичката култура. Да покажеме дека во Македонија конечно може да постои власт која нема да се плаши да носи одлуки, дури и кога тие не се лесни.
Затоа денес не гледајте на оваа реконструкција како на крај на нечија работа.
Една од најважните лекции што ја научив низ политиката е дека зрелоста на една Влада не се гледа само во тоа како избира луѓе, туку и во тоа како се разделува од нив“, порача Мицкоски.

Денес, како што кажа, не се збогуваме со луѓе кои не работеле.

„Денес им оддавам признание на луѓе кои во различни околности, во различни ресори и со различни предизвици дадоа свој придонес во реализацијата на програмата за која граѓаните ни ја дадоа довербата.

И вие од опозицијата ќе зборите со флоскули и невистини, а јас со конкретни бројки и резултати.
Во оваа Влада никој не се брише од историјата затоа што денес завршува една функција.
Ниту, пак, некој ќе биде вреднуван според тоа дали останал или си заминал од кабинетот“.

Единственото мерило, како што посочи Мицкоски ќе остане по она што го оставил зад себе.

Обраќајќи се кон опозицијата Мицкоски им кажа дека пред да делат лекции, треба да погледнат што оставиле зад себе.

„Имате поранешни министри кои се дел од вашата пратеничка структура, обременети со скандали и сомневања за сторен криминал додека ја извршувале функцијата која ја извршувале.

Во вашето владеење премногу често националните интереси беа ставани во втор план. Донесувавте одлуки за кои голем дел од граѓаните сметаа дека се спротивни на националното достоинство и идентитет. Наместо да ја обединувате државата, оставивте длабоки политички и општествени поделби. Промената на уставното име на државата останува една од најконтроверзните политички одлуки во поновата историја. Ние не сме овде за да го менуваме минатото. Но сме овде да не дозволиме повторно да се повтори“.

Денес, порача Мицкоски останува граѓаните да судат за делата.

„Верувам дека Македонија заслужува повеќе. Заслужува држава што ќе биде силна, достоинствена и успешна. Држава што нема да живее од минатото, туку ќе ја гради својата иднина со работа, чесност и одговорност“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK