Во тензична атмосфера и со чудно однесување на обвинетиот, денес во Кривичниот суд во Куманово почна судењето на 25-годишниот Трајко Бојковски, кој одговара за четири свирепи убиства и два обиди за убиство на повозрасни жени во Кумановскиот регион.
Случајот, кој обвинителството кажа дека е досега незабележан во судската пракса, заглави уште на првото рочиште. Драган Трајковиќ, адвокатот на обвинетиот, се откажа од одбрана и го повлече полномошното откога, на самиот почеток на судењето, обвинетиот не призна вина за четирите убиства.
„Со оглед дека обвинетиот не го прифати мојот совет, како бранител го откажувам моето полномошно согласно член 76 став 7 од Законот за кривична постапка и согласно истиот член став 5 предлагам на судот да му биде определен бранител по службена должност со цел заштита на неговите права и интереси“, рече адвокатот Трајковиќ, а расправата беше одложена за 31 август.
Обвинетиот Бојковски, пред да каже дека не чувствува вина за убиствата на четири жени, гледаше во таванот, се вртеше во столчето во судницата и не одговараше на прашањата.
Кон кривичниот прогон денес официјално се приклучија се приклучија семејствата на четирите жртви.
Обвинителот Љубомир Лапе најави дека со цврст доказен материјал ќе докаже дека делата се извршени со умисла и дека се работи за некрофилија.