Лекот „Фостер“ ќе чини 280 денари


20260709_130355.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Преку проширување на Позитивната листа и воведување генеричка конкуренција, Фондот создава услови за пониски цени, поголема достапност на лековите и поефикасно користење на јавните средства, изјави директорот на ФЗОМ, Сашко Клековски.


Тој кажа дека во одредени терапевтски групи, цените на лековите во Македонија сè уште се повисоки во споредба со дел од земјите во регионот. Покрај објективните ограничувања што произлегуваат од големината на домашниот пазар, додаде тој, постојат механизми преку кои може значително да се влијае врз намалувањето на цените на лековите.

На Позитивната А листа се воведени три антикоагулантни лекови, а во две терапевтски групи е воспоставена генеричка конкуренција.

Лекот Ривароксабан за првпат е достапен преку Позитивната листа. За терапија чија цена изнесува околу 2.200 денари, пациентите досега плаќаа околу 475 денари партиципација и доплата. Од наредната година нивното учество ќе изнесува само 160 денари.

„Истовремено, цената на лекот е речиси преполовена, што претставува конкретен пример како конкуренцијата и политиките на Фондот директно придонесуваат за намалување на трошоците и за поголема достапност на терапијата“, вели Клековски.

Кај инхалаторната терапија за астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), со воведувањето нов конкурентен бренд со ист состав и иста дозажа, произведен во земја членка на Европската Унија, се воспоставува генеричка конкуренција.

Како резултат на тоа, референтната цена по пакување се намалува од 2.715 денари на 1.915 денари (со вклучен ДДВ).

За пациентите ова значи дека во истата терапевтска група веќе е достапен лек без доплата. Намалувањето на референтната цена не претставува дополнителен финансиски товар за осигурените лица.

Воедно, производителот на лекот „Фостер“ официјално ја прифати новата референтна цена, која ќе започне да се применува по исцрпувањето на веќе испорачаните количини. По усогласувањето на цената, и „Фостер“ ќе биде достапен без доплата, со законски утврдена партиципација од 280 денари.

„Според анализите на Фондот, доколку новата референтна цена се примени врз обемот на издадени рецепти во текот на 2025 година (57.441 рецепти, во вкупна вредност од 166,7 милиони денари), се очекуваат годишни заштеди од 46 до 49 милиони денари. Овие средства ќе овозможат воведување нов трикомпонентен лек од истата терапевтска група, со што пациентите ќе добијат пристап до уште посовремена терапија без дополнително финансиско оптоварување“, рече Клековски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK