ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати договорот што опозициските партии ќе го постигнат за измените на Изборниот законик, сè додека се овозможи дијаспората да гласа на изборите, изјави пратеникот Бојан Стојаноски по денешната средба на работната група.
Стојаноски рече дека на средбата било разговарано за ставовите на политичките партии и за предлозите поврзани со гласањето на дијаспората.
„Нашиот предлог беше прво електронско гласање, потоа, поради различните ставови со опозицијата, го променивме во поштенско гласање и укажавме дека гласањето треба да се регулира со подзаконски акт кој ќе биде донесен од Државната изборна комисија до 30 септември 2028 година“, рече Стојаноски.
Според него, опозициските партии ги задржале претходните ставови, по што коалицијата, заедно со ВЛЕН и ЗНАМ, понудила нов модел.
Стојаноски ги повика СДСМ, ДУИ, Левица и другите опозициски партии меѓусебно да постигнат договор за четири клучни прашања – една изборна единица, моделот на финансирање, поплаките и начинот на нивно разгледување, како и моделот за гласање на дијаспората.
„Сето тоа што овие опозициски партии ќе го понудат до нас преку еден пречистен текст на закон, ние ќе го прифатиме“, рече Стојаноски.
Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати договореното меѓу опозициските партии за наведените прашања, под услов да биде прифатен ставот дека дијаспората треба да може да го оствари уставно загарантираното право на глас.