Либерално-демократската партија соопшти дека Европската комисија најавила дополнителна флексибилност во примената на новиот систем за влез и излез (ЕЕС), само еден ден по Конгресот на АЛДЕ во Виена, на кој била усвоена итна резолуција против малтретирањето на граѓаните на границите на Европската Унија.
Според ЛДП, резолуцијата била предложена од партијата и сестринските партии од ЛИБСЕН и усвоена со големо мнозинство. Македонската делегација, предводена од претседателката на ЛДП Моника Зајкова, на Конгресот остварила средби со претставници на либералните партии во Европа, еврокомесари, министри, европратеници и пратеници.
Од партијата наведуваат дека на средбите било посочено оти долгите колони и односот кон македонските граѓани на границите кон ЕУ се неприфатливи и дека е потребно итно, макар и привремено решение.
ЛДП соопшти дека Европската комисија најавила оти националните власти на граничните премини ќе можат привремено да ја суспендираат биометриската регистрација кога редиците ќе станат предолги, со цел да се приспособи темпото на проверките и да се избегне колапс на терминалите.
Од партијата велат дека очекуваат брза реакција и од грчките гранични служби.
„На сите им е доста од политичко гледање преку нишан кога мораме заедно да одработиме меѓународно – време е за координирана работа во интерес на народот“, изјави Зајкова.
Таа порача дека, според неа, вистинскиот патриотизам се докажува таму каде што се носат одлуките во Европа и преку конкретна борба за подобар живот на граѓаните.
Од ЛДП оценуваат дека улогата на партиите и државата на меѓународната сцена е преку конкретни чекори да придонесат за полесен и подостоинствен живот на граѓаните.