Град Скопје обезбеди бесплатна психолошка поддршка за средношколци, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Нема поважна обврска од тоа да се грижиме за младите, за нивното ментално здравје, нивната безбедност, нивниот мир и чувството дека не се сами. Живееме во време во кое младите често носат тивок товар. Притисоци, стравови, несигурности, предизвици во училиште, дома или во општеството. Понекогаш им е потребен само еден разговор, еден човек што ќе ги сослуша, едно место каде што ќе се почувствуваат разбрани. Токму затоа започнуваме нов проект за бесплатна психолошка поддршка за средношколци на возраст од 15 до 19 години во Скопје“, објави градоначалникот.
Проектот ќе се реализира преку две важни активности: психолошко советување – бесплатни индивидуални сесии за емоционална поддршка, разговор, разбирање и стручна помош за младите во Козле, Аеродром и Центар и едукативни работилници – наменети за стручен кадар и родители од 23 средни училишта, со фокус на превенција од насилство, справување со зависности и унапредување на менталното здравје кај младите.
Информации и закажување: +389 75 422 781, носители на проектот: Асоцијација „Гаспар“ и „Лумен“.
фото/Depositphotos