Трајчулески: Нема стабилност и развој со зголемен дефицит, ребалансот е признание за промашените политики на власта


mitko-trajchuleski.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Предложениот ребаланс на Буџетот е признание дека Владата потфрли во планирањето и повторно ги товари граѓаните со поголем дефицит, нови задолжувања и неизвесност, обвини пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет.


„Овој ребаланс ја открива главната слабост, Владата сака да ја задржи реториката на стабилност, но бара инструмент на нестабилност. Поголем дефицит. Не може истовремено да тврдите дека сè е под контрола и да барате толку големо проширување на буџетската дупка“, рече Трајчулески.

Тој предупреди дека особено загрижувачка е приходната страна на ребалансот, со оглед на тоа што даночните приходи се намалуваат за 900 милиони денари, а акцизите за 1,6 милијарди денари, додека расходите дополнително се зголемуваат.

„Владата може да каже дека ова е последица на мерките за горивата. Но тогаш мора да одговори, кои расходи се кратат за да се компензира ударот? Наместо тоа, гледаме зголемување на расходите. Тоа не е консолидација, тоа е ширење на буџетот со нов дефицит“, рече Трајчулески.

Во однос на капиталните расходи, Трајчулески нагласи дека Владата како главен аргумент ги претставува инвестициите, иако, станува збор за проекти наследени од претходната влада.

„Фактите се безмилосни,сите овие капитални инвестиции се оставштина од претходната влада, нема ниту еден нов проект од оваа влада. Јавноста заслужува детали. Која програма, кој проект, кој рок, која институција е одговорна? Која мерка ќе се реализира и што ќе биде резултатот? Кои се новите проекти или зборуваме за заостанати обврски кои не се платени?“,рече Трајчулески.

Притоа, тој посочи дека Владата не може истовремено ребалансот да го претставува како развоен, социјален и стабилизациски, а во исто време да го зголемува буџетскиот дефицит за повеќе од 7 милијарди денари.

„Ако е потребно усогласување, тогаш покажете што било погрешно во првичниот план. Ако е развоен ребаланс, покажете кои развојни проекти ќе завршат годинава. Ако е социјален ребаланс, покажете како ќе се намали сиромаштијата. Ако е стабилизациски ребаланс, покажете како ќе се намали дефицитот. Оваа расправа не е само за бројки. Ова е расправа за моделот на управување. Дали државата ќе планира внимателно, ќе троши дисциплинирано и ќе инвестира мерливо? Или секоја година ќе гледаме ист модел? Големи ветувања во буџетот, ребаланс во текот на годината, дополнителни средства, нови оправдувања и повторно недоволна реализација“, рече Трајчулески.

Трајчулески нагласи дека СДСМ не е против инвестиции и поддршка за граѓаните, туку против лошо планирање и задолжување без јасна цел.

„Ние, како опозиција, не можеме да поддржиме ребаланс што го зголемува дефицитот без доволно убедлива гаранција дека дополнителните средства ќе создадат реална вредност. Не сме против инвестиции, не сме против поддршка на граѓаните, не сме против земјоделците, учениците, пациентите или општините. Ние сме против лошо планирање, против непрецизно образложени расходи и против политика која секој проблем да се решава со нов долг. Ова не е ребаланс што гради доверба. Ова е ребаланс што бара доверба без доволно докази. Ако станува збор за јавни пари, довербата не се бара со политички говор. Таа се заработува со точни проекти, јасни рокови, контролирани расходи и резултати што граѓаните можат да ги видат“, потенцираше Трајчулески.

Воедно, тој побара Владата јавно да одговори кој погреши во првичните буџетски проекции, дали ова ќе биде последниот ребаланс во 2026 година, колку ќе се зголеми јавниот долг, колкави ќе бидат дополнителните каматни трошоци, зошто се намалуваат даночните приходи и колкав дел од капиталните расходи се однесуваат на нови проекти, а колкав на веќе преземени обврски.

„Ова не е технички ребаланс, ова е признание за погрешно планирање. Кога расходите растат побрзо од приходите, сметката ја плаќаат граѓаните. Нема стабилност со дефицит што расте за над 7 милијарди денари. Ребалансот треба да објасни грешки, а не да ги покрие“, порача Трајчулески.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK