Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на последното деноноќие биле евидентирани осум случаи на семејно насилство, при што седум лица биле лишени од слобода, а со еден малолетник бил извршен службен разговор.
Во Струга бил приведен 46-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата мајка, додека во Скопје бил лишен од слобода 47-годишник, кој, според пријавата, физички ја нападнал својата партнерка.
Во Велес, полицијата извршила службен разговор со 17-годишник, во присуство на родител и претставник од Центарот за социјални работи, поради сомнение дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на својата 82-годишна баба. Во истиот град биле приведени и двајца мажи на возраст од 49 и 70 години, поради закани кон членови на нивните семејства.
Во Струмица бил уапсен 29-годишен маж, кој, според пријавата, во повеќе наврати агресивно се однесувал кон сопругата, а потоа упатувал закани пред домот на нејзините родители, каде што таа престојувала со нивните малолетни деца.
Во Тетово, по пријава од родителите, од слобода бил лишен 16-годишен малолетник кој, според наводите, агресивно се однесувал во семејниот дом, кршел предмети и со нож им се заканувал на родителите и сестрата.
Во Штип, пак, бил приведен 52-годишен маж поради сомнение дека физички ја нападнал својата сопруга.
Од МВР информираат дека за сите случаи се известени надлежните јавни обвинители, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.