Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување дејствуваат врз пожарот во Пробиштипско, кој избувна денеска во претпладневните часови и брзо се прошири во реонот на селото Бучиште.
Пожарот го зафатил подрачјето меѓу селата Бучиште, Неокази и Петршино. Во Бучиште пожарот е локализиран, но во огнената стихија изгорела една куќа.
Од Општина Пробиштип соопштија дека сите расположливи сили се максимално мобилизирани и се наоѓаат на критичните точки со цел огнот да се стави под контрола.
На терен активно и координирано работат Територијалната противпожарна единица – Пробиштип, членовите на Доброволното противпожарно друштво – Пробиштип, претставници на надлежните институции, како и локалното население.
Општината апелира до граѓаните да избегнуваат непотребно движење со возила и пеш кон зафатеното подрачје и селото Бучиште, за да се овозможи непречен пристап на противпожарните возила.
Граѓаните се повикуваат да ги почитуваат насоките на надлежните служби, да не шират паника и дезинформации на социјалните мрежи, а доколку забележат ново жариште или сомнително однесување, веднаш да пријават на бројот 112 или во ТППЕ Пробиштип.
Од Општина Пробиштип наведуваат дека внимателно ја следат состојбата на терен и дека јавноста навремено ќе биде информирана за понатамошниот развој на настаните.
Фото: илустрација