Преку езера и океани, конечно дома: Наградата „Мето Јовановски“ за Тони Наумовски


toni.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Од преку океанот, каде што повеќе од две децении живее и работи во САД, Тони Наумовски годинава доаѓа „Преку езерото“ во Дојран како лауреат на наградата „Мето Јовановски“.


Актерот Тони Наумовски е овогодинешниот добитник на наградата „Мето Јовановски“ за високо уметничко достигнување во уметноста на филмот за 2026 година. Признанието ќе му биде доделено во рамки на петтото, јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во Дојран.

Со доделувањето на оваа награда, фестивалот му оддава признание на еден од најуспешните македонски актери со меѓународна кариера, кој повеќе години активно работи во Њујорк, во театарски, филмски и телевизиски продукции. „Секое признание значи, исполнува, мотивира, обврзува и е привилегија, особено кога тоа признание доаѓа од дома. Мето Јовановски е голем мајстор кој играше во лига на светски шампиони.

За жал, никогаш немав прилика да соработувам со него, но секогаш уживам, се радувам и му се воодушевувам на неговите маестрални актерски остварувања“, изјави Наумовски.

Тони Наумовски има богато меѓународно актерско искуство, со повеќе од осумдесет улоги во филмски и телевизиски продукции, реализирани на повеќе од десетина јазици.

Во неговата кариера се вбројуваат настапи во американски, европски и македонски продукции, меѓу кои „Мојот Њујорк“, „Ноќен агент“, „Лос Кос“, „Крајот на играта“, „Тука денес“, „Госпоѓата Министерка“, „Медени ноќи“, „Портокалово е новото црно“, „Не е американски филм“ и „На терапија“. Посебно значајна за неговото поново творештво е улогата на Владимир во македонскиот филм „Лена и Владимир“, која во текот на 2025 година му донесе 14 актерски награди на фестивали во Европа и Америка.

Филмот беше претставен на повеќе од осумдесет фестивали, со што дополнително го потврди меѓународниот одек на македонската кинематографија. Наградата „Мето Јовановски“ е едно од централните признанија на Фестивалот „Преку езерото“ и се доделува на филмски автори и актери кои оставиле значаен белег во уметноста на филмот.

Со изборот на Тони Наумовски за годинашен лауреат, фестивалот ја продолжува својата мисија да ги поврзува македонските филмски автори со балканскиот, медитеранскиот и светскиот филмски простор.

Петтото јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ уште еднаш го позиционира Дојран како значајна културна и филмска точка на мапата на Македонија и регионот.

Повеќе информации за програмата која годинава се одржува во Дојран, Струмица и Гевгелија на официјалниот сајт на фестивалот:
https://acrossthelakefilmfestival.org/

Комерцијален текст 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK