Димитриевски: До вторник ќе се знае сè за реконструкцијата на Владата


Maksim-Dimitrievski.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

До вторник сè ќе се знае, многу идеи се на маса, изјави денеска претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања околу очекуваната реконструкција на Владата.


Тој оцени дека ЗНАМ, иако е нов политички субјект, дава значаен придонес во работата на Владата преку двата ресора со кои раководи, како и преку своите претставници во пониските ешалони на власта.

​- Значи, да, секако. Секогаш може повеќе, но, ЗНАМ како нов политички субјект, којшто активно партиципира во оваа власт и ја има усогласено владината програма на којашто работи во рамките и на двете министерства, но и во пониските ешалони на власта, дава сериозен придонес оваа Влада да работи квалитетно и просперитетно и перспективно. Факт е дека оваа Влада, работите првенствено ги враќа на позитивна нула, а потоа ги придвижува напред. Затекнавме многу лоша состојба во државата од сите аспекти и факт е дека мора да санираме, а потоа и да продолжиме – нагласи Димитриевски.

Притоа додаде дека резултатите во двете ресорни министерства каде што работат кадрите на ЗНАМ, се, видливи.

– Тоа впрочем го потврди и господинот Кошта како висок претставник на Европската Унија, којшто на неговиот брифинг токму со вас укажа дека и тоа како се забележливи резултатите на нашите министри. Но, како и да е, сепак политиката е компромис, разговори, договарање. Ние сме соочени со реконструкција на Владата и првенствено, сите активности во тој дел се менаџирани од страна на премиерот и мандатарот, којшто има апсолутно свое право да посочи, укаже, да направи одредени комбинаторики во делот на распределбата на власта помеѓу владините партнери, а наше е дали ќе се согласиме со тоа или не – нагласи Димитриевски.

На прашањето какви понуди добиле, дали можеби доколку се побара замена на кадрите во овие министерства со коишто раководат, би се согласиле на таква опција и дали постои опција, она што веќе се шпекулира во јавноста, да се одземе едната министерска функција од нивната партија, Димитриевски рече дека „кога разговарате во политиката, сите опции се на маса“.

-Имате многу предлози, многу размислувања – индивидуални и партиски. Но, велам, ајде да почекаме да се случи конечниот договор, бидејќи ние како владини партнери – а тоа го слушам дека и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта – сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри – одговори претседателот на ЗНАМ.

​Патем, посочи дека ЗНАМ е секогаш подготвен, во интерес на поголем просперитет на државата и подобра благосостојба на граѓаните, да дава поддршка на Владата и владината програма, а притоа, не водејќи се од клиентелистички пристап да инсталира свои кадри во власта.

– Но, од друга страна, секогаш е потребно да преземете дел и од одговорноста во власта. И едно можам со сигурност да потврдам – дека по оваа владина реконструкција, ЗНАМ ќе биде посилен и кадровски и со потенцијал и во дел на располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта. Ги отфрлам сите шпекулации што доаѓаат првенствено од портали што се директно брифирани и за жал, некои од нив служат како апологети на опозицијата, којашто нè донесе во една тешка ваква социо-економска состојба во државата, а исто така и граѓаните. И велам – ајде да почекаме и да го видиме конечниот епилог – порача тој.

Во однос на шпекулациите дека ЗНАМ би можел да остане без едно министерство или да добие друг ресор, Димитриевски рече дека „сите опции се на маса“, но дека сè уште нема конечен договор.

– Многу понуди се на маса, ќе изброиме до три, а потоа ќе пресечеме и конечниот епилог ќе го имаме во вторник. А јас, инаку и со господинот Минчев и со господинот Филков и со сите луѓе со коишто заедно ја создадовме ЗНАМ, првенствено сме другари, лични пријатели и обединети околу една заедничка кауза, а тоа е Движењето ЗНАМ за наша Македонија, коешто е формирано од граѓаните и за граѓаните. Бидејќи нам, личниот и политичкиот интерес ни е многу помалку битен во однос на она што значи граѓански и општ интерес за сите. Не би сакал да ги коментирам шпекулациите во јавноста. Постојат многу медиуми што брифираат врз база на принципот „рекла-кажала“ и не би сакал да се спуштам на тоа ниво – одговори тој.

Димитриевски посочи дека апсолутно се задоволни од работата на двајцата министри од редовите на ЗНАМ и на сите нивни претставници во пониските ешалони на власта и додаде дека  политиката подразбира и политички взаемен меѓупартиски договор.

На крајот на денот, истакна, се прават и анализи во делот на сето она што е сработено и не можете да бидете секогаш субјективни.

– Треба да го дадете и вашето мислење за останатите ресори со коишто менаџираат останатите претставници во власта коишто доаѓаат од владините партнери, а да го слушнете и нивното мислење во однос на вас, за да не преовлада субјективизмот. Како и да е, ние сме задоволни од министрите коишто менаџираат со ресорите во моментот – нагласи Димитриевски.

Во однос на имињата кои ќе бидат предложени, Димитриевски рече дека тој е само предлагач, а конечната одлука ја носи највисокиот орган на партијата – тоа е Централниот одбор помеѓу двата конгреса, а во овој случај дополнително и Извршниот одбор на партијата. – И тоа ќе почекаме до вторник да видиме кои ќе бидат одлуките – додаде тој.

​На прашање, дали е прифатлива размената на ресорите Земјоделство со Правда,  Димитриевски одговори дека сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK