Сиљановска-Давкова на отворањето на 65. Струшки вечери на поезијата: Време е за катарза на човештвото


siljanovska-davkova-na-struski-veceri-na-poezijata.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга се обрати на отворањето на 65. Струшки вечери на поезијата.


За неа, Струга е град што живее во ритамот на поезијата и место каде што со децении се среќаваат светските поетски гласови и љубителите на убавата реч, нарекувајќи го „најпоетскиот град на планетата“, каде песните создаваат култура и трајни духовни вредности.

Во своето обраќање, таа истакна дека веќе 65 години Струшките вечери на поезијата ги поврзуваат меридијаните и го обединуваат светскиот поетски сој во Струшката бунтовна република на поетите, којашто се залага за подобар и похуман свет.

Сиљановска-Давкова потсети на минатогодишното прашање за смислата на поезијата во време на војни, конфликти, дигитализација и отуѓување, оценувајќи дека и покрај сè поизразеното влијание на алгоритмите и вештачката интелигенција, поезијата и натаму ја задржува моќта да го менува човекот и општеството.

„Бедата на светот и отчовеченото до непрепознавање човештво, не се искоренети и сѐуште се тука, дури и повидливо од лани. Не е доволно да ги покриваме очите и да се затскриваме. Време е да се соочиме со бедата на светот, нашата човечка беда. Време е за катарза, клекнати пред ѕидот на срамот, подолг и од Кинескиот“, порача таа.

Посочувајќи дека книжевноста не е само естетски израз, туку и форма на општествен бунт, претседателката ги истакна пораките од творештвото на овогодишната лауреатка Анеке Брасинга.

На крајот од обраќањето, таа рече дека присуството на фестивалот за неа не е само церемонијална и протоколарна претседателска должност, туку претставува привилегија и радост, по што официјално ги прогласи 65. Струшки вечери на поезијата за отворени.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK