На светот му е полесно да ги „храни“ војните, отколку луѓето на кои им е потребна храна, изјави денес папата Лав XIV за време на посетата на Светската програма за храна (WFP) во Рим.
„Конфликтите полесно се „хранат“ отколку луѓето на кои им е потребна храна. Оваа реалност не само што укажува на недостатоци во спроведувањето на помошта, туку и на нерамнотежа во политичките и моралните приоритети“, рече тој, според Ројтерс.
Лав, кој претходно беше цел на критики од американскиот претседател Доналд Трамп, не спомена ниту еден светски лидер.
Папата предупреди дека хуманитарните кризи се ставени во втор план на листата на меѓународни приоритети и дека земјите ги насочуваат своите ресурси кон националната безбедност, економскиот раст и внатрешната стабилност.
„Безбедноста на храната е суштинска компонента на глобалната и интегралната безбедност“, рече папата и истакна дека хуманитарните акции се сè повеќе оптоварени со бирократски процедури што можат да ја одложат помошта за оние на кои им е потребна, и дека пристапот до основни добра, вклучително и храна, премногу често е под влијание на економски или стратешки размислувања, така што човекот повеќе не е во центарот на меѓународното дејствување.
Според него, ублажувањето на гладот не само што им помага на луѓето на кои им е потребна помош, туку придонесува и за решавање на основните причини за геополитичка нестабилност.
Папата денес беше пречекан од поранешната директорка на организацијата, Синди Мекеј, која поднесе оставка на почетокот на годината поради здравствени причини.
На Светската програма за храна, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2020 година, минатата година обезбеди 15,6 милијарди оброци за 121 милион луѓе со финансирање од 6,5 милијарди долари од приватни донации, пренесува Танјуг.