43-годишниот македонски државјанин кој го изнајмувал домот на Ставрула Левендаки признал дека ја убил жената. По злосторството, тој го закопал нејзиното тело во поле на околу пет километри од куќата, пишува грчкиот весник „Прототема“.
Според првичните информации, Ставрула Левентаки имала убодни рани во пределот на градниот кош, како и повреда на главата, најверојатно нанесена со метален предмет.
Осомничениот изјавил дека се скарал со жената поради штета во станот. За време на расправијата, според неговото признание, ја избодел со нож и ја убил. Потоа телото го ставил во вреќа и со својот автомобил го пренел до местото каде што го закопал.
Сепак, полицијата со резерва ја прифаќа неговата верзија за причината за расправијата и ја истражува и можноста мотивот за убиството да бил од сексуална природа.
По исклучително тешка ноќ на испрашување, полицајците од Одделот за истраги и расветлување кривични дела во Ханија успеале да добијат признание од осомничениот, кој наводно детално ги опишал настаните од утрото на 30 мај.
Обвинетиот им го покажал на истражителите местото каде што го сокрил телото на 45-годишната Ставрула Левентаки.
Во регионот Ватолакос кај Ханија биле распоредени силни полициски сили и криминалистички екипи, каде што било пронајдено телото на жената.