Европската комисија објави дека се приклучува кон новата социјална мрежа „W“, европска алтернатива на постојните платформи. Платформата, првпат претставена во јануари на Светскиот економски форум, се базира на принципите на „верификувани човечки корисници, транспарентност, приватност и слобода на говор“, пишува Euronews.
Платформата „W“, со седиште во Шведска, е развиена од претприемачи од светот на медиумите, технологијата и вештачката интелигенција. Бета верзијата беше лансирана оваа недела, а за да објавуваат содржина, корисниците мора да побараат верификација од тимот на платформата. Меѓу корисниците се водечки европски функционери, како што се претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Верификација на корисникот и заштита на податоците
Пред да пристапат до платформата, корисниците мора да го потврдат својот идентитет, или со давање на нивното вистинско име или анонимно преку апликацијата W Identity. Ова е посебна апликација што го скенира пасошот или личната карта на корисникот за директно да го потврди нивниот идентитет на нивниот уред.
Извршната директорка Ана Цajтер претходно изјави дека податоците ќе бидат складирани на „европски сервери во сопственост на европски компании“ и дека инвеститорите ќе бидат ограничени на оние што се наоѓаат на континентот.
Таа, исто така, во тоа време изјави дека „W“ планира да ги користи „Proton“, швајцарски провајдер на шифрирана е-пошта, и „UpCloud“, финска платформа за cloud computing, за да го усогласи бизнисот со европските прописи за приватност.
Притисок за европска технолошка независност
Лансирањето на платформата е дел од пошироко европско движење за технолошки и суверенитет во областа на вештачката интелигенција, кое има за цел да ја намали зависноста на компаниите, владите и поединците од големите технолошки компании со седиште во САД.
Неколку земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Холандија, изразија загриженост дека зависноста од американските технолошки гиганти би можела да ја загрози националната безбедност и заштитата на податоците. „W“ е само една од неколкуте алтернативни социјални мрежи неодамна лансирани во Европа. Меѓу нив се Bulle, Eurosky, Monnett и eYou.