Современите туристи сѐ повеќе им даваат предност на патувањата кои ја содржат и компонентата на одржливост, наместо да се фокусираат исклучиво на дестинацијата. Според Извештајот за патувања и одржливост 2026 на Booking.com, 85% од анкетираните патници изјавиле дека одржливото патување им е важно или многу важно. Во услови на растечка побарувачка за поодговорно патување, Туркије се издвојува како водечка дестинација што нуди изобилство на автентични и одржливи искуства за секој тип патник.
Посветеноста на земјата кон одржливоста во туризмот се отсликува и во воведувањето на Турската програма за еколошка и културна одржливост, во чии рамки Глобалниот совет за одржлив туризам (GSTC) врши сертификација на хотелите за примена на меѓународно признати стандарди за одржливост. Дополнително, опциите за транспорт со ниско влијание врз животната средина, какви што се патувањата со железница и брод, поттикнуваат еколошки поодговорно патување.
За сите кои сакаат да остават помал еколошки отпечаток, Туркије нуди повеќе можности и начини на патување, a eден од нив е истражување на земјата со велосипед. Од Истанбул и Измир, до тиркизните заливи на Анталија и надреалните долини на Кападокија, велосипедистите можат, со свое темпо, да истражуваат некои од највпечатливите пејзажи во земјата. Дополнително, мрежата на сместувачки капацитети нуди и специјализирани услуги за оние што патуваат со велосипед, вклучувајќи сервиси за поправка и менија прилагодени за велосипедисти, обезбедувајќи удобно искуство во текот на патувањето.
Истражувањето пеш е уште еден прекрасен начин да се доживеат разновидните пејзажи и живото наследство на Туркије. Љубителите на пешачењето можат да ја изберат Ликиската патека на турската ривиера или патеката Ефелер Јолу во Измир, или да ги истражат шумите и панорамски предели на планината Улудаг кај Бурса.
Туркије нуди и ботанички тури што ги претставуваат ендемските медитерански растителни видови во планините Таурус, како и можности за набљудување птици долж една од најважните миграциски рути во светот. Посетителите можат да видат диви коњи во Кападокија, да ги истражуваат пределите богати со пеперутки во Ван, Хакари и Артвин, како и да го следат процесот на гнездење и изведување на морските желки карета на заштитените плажи како Изтузу и Патара.
Особено популарни се културните рути кои нудат фасцинантни остатоци од цивилизациите и културите што се развивале во Анадолија, но и градовите членки на мрежата Cittaslow и селата прогласени за најдобри туристички села од Агенцијата за туризам на ОН. Во овие места патниците можат да откријат впечатливи примери на традиционална архитектура, да купуваат традиционални ракотворби и да уживаат во автентични локални специјалитети подготвени според рецепти што се пренесуваат низ генерации.
Со безброј отворени и затворени пазари во секој град, Туркије им нуди на патниците можност да ги поддржат локалните производители и истовремено да ги искусат регионалните вкусови како што тоа го прават локалните жители, додека винските рути на земјата ја претставуваат извонредна разновидност на автохтони сорти грозје, длабоко вкоренети во нејзината историја и пејзаж.
