Околу 3.000 луѓе излегоа на антирaсистички протест во центарот на Белфаст, испраќајќи порака против омразата и насилството по неколкудневните немири што го потресоа главниот град на Северна Ирска. Демонстрантите се собраа пред Градското собрание на повик на движењето „Обединети против расизмот“, носејќи транспаренти со пораки „Расистите надвор“ и „Проблемот е насилството, а не расата“, додека низ градот одекнуваа и повици за солидарност со бегалците и мигрантите.
Belfast today, anti racism protest. The handful of loyalist thug that caused chaos are a tiny minority of us. #belfast pic.twitter.com/JuTr9a1mvo
— Politics, Culture and some other shit (@PCASOSpodcast) June 13, 2026
Duizenden op antiracismebetoging in Belfast na rellenhttps://t.co/DREvR5zXwU
— Ingrid Hoeben Ⓥ 🇧🇪 @[email protected] (@IngridHbn) June 13, 2026
Собирот следува по неколкудневните насилни протести и судири со полицијата, кои избија по бруталниот напад со нож врз Стивен Огилви во северниот дел на Белфаст. Во нападот, кој се случи во понеделникот вечерта, Огилви се здоби со тешки повреди на главата и лицето и го загуби левото око. Полицијата приведе осомничен за обид за убиство, идентификуван како Хади Алодед.
Снимките од нападот што брзо се проширија на социјалните мрежи дополнително ги поттикнаа тензиите, по што во повеќе населби во северен Белфаст почнаа да се собираат групи демонстранти. Насобраниот револт прерасна во насилство – беа запалени автобуси и контејнери, а дел од локалните бизниси, училиштата и јавниот превоз беа принудени привремено да го прекинат работењето.
Во средата вечерта ситуацијата дополнително ескалираше кога дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Безбедносните сили за првпат неделава употребија водени топови и пластични куршуми, додека дел од насобраните возвраќаа со камења, цигли и пиротехнички средства.
„Полицијата се најде под силен удар од камења, цигли, огномети и запалени предмети. Беше исклучително интензивно и екстремно насилно“, извести новинарот на „Скај њуз“, Том Парментер.
Немирите повторно ја отворија дебатата за миграциската политика во Велика Британија. Дел од инцидентите беа насочени кон етнички малцинства, што предизвика осуди од политичарите и организациите за човекови права. Во јавноста се засилија и повиците за построги мерки против илегалната миграција.
Во меѓувреме, Полициската служба на Северна Ирска соопшти дека досега се уапсени 23 лица поврзани со немирите, а против 17 веќе се поднесени обвиненија.
Британскиот премиер Кир Стармер го осуди нападот како „грозоморен“ и порача дека насилството на британските улици нема да биде толерирано. Локалните власти повикаа на смиреност и предупредија граѓаните да не шират дезинформации и да не ги таргетираат поединечните заедници во градот.
На денешниот антирaсистички собир, лидерот на опозицијата во Стормонт, Метју О’Тул, порача дека неделава Белфаст ги видел и најлошите и најдобрите страни на човечкото однесување, додека градоначалничката Роис-Мејр Донели истакна дека градот е „посилен токму поради својата разновидност“. Собирот заврши мирно, со пораки дека насилството и омразата не смеат да бидат одговор на трагичните настани што ја потресоа Северна Ирска.