Македонски карате херој во Бразилија – Вукашин Јовановиќ светски шампион


karate-brazilija1-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонскиот репрезентативец Вукашин Јовановиќ (-67 кг) оствари историски успех, освојувајќи го златниот медал на Светското универзитетско првенство во боречки спортови што се одржува во Бразилија.


Во финалниот меч, Јовановиќ се соочи со белгискиот натпреварувач Амин Абделмалки и по израмнета и тактички зрела борба славеше со резултат 2-2 (3-2 по судиско изјаснување), освојувајќи ја титулата Светски универзитетски шампион.

Патот до златото го трасираше со серија убедливи настапи. Во групната фаза ги победи Мартин Асерето од Чиле со 7-0 и Сирапат Чимвонг од Тајланд со 3-0, додека против Иранецот Хосеин Вафа ремизираше 5-5. Како второпласиран во групата се пласираше во елиминациската рунда, каде што со убедливи 8-0 го совлада Кабело Заморан Шоте од Шпанија. Во полуфиналето повторно се сретна со Вафа и оствари победа од 8-4 за пласман во финалето.

Златниот медал на Јовановиќ е четврто одличје за Македонија на шампионатот во Бразилија и најголем успех на македонската експедиција. Претходно, Стефан Стојановиќ освои бронза во категоријата над 84 килограми, машката кумите репрезентација стигна до сребрен медал, а женската кумите селекција освои бронза.

Со овој резултат, македонските каратисти уште еднаш ја потврдија својата конкурентност на највисоко светско ниво во универзитетскиот спорт.

На Светското универзитетско првенство во боречки спортови настапуваат повеќе од 1.500 студенти-спортисти од 46 земји, што го вбројува меѓу најпрестижните и најсилни универзитетски спортски настани во светот.

Резултати на Вукашин Јовановиќ (-67 кг)

Групна фаза:

· Вукашин Јовановиќ – Мартин Асерето (Чиле) 7-0

· Вукашин Јовановиќ – Сирапат Чимвонг (Тајланд) 3-0

· Вукашин Јовановиќ – Хосеин Вафа (Иран) 5-5

Осминафинале:

· Вукашин Јовановиќ – Кабело Заморан Шоте (Шпанија) 8-0

Полуфинале:

· Вукашин Јовановиќ – Хосеин Вафа (Иран) 8-4

Финале:

· Вукашин Јовановиќ – Амин Абделмалки (Белгија) 2-2 (3-2)

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK