11 јуни: Годишен концерт на Школата за тапани во Гевгелија


1000027955.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Школата за тапани при ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија го најавува својот традиционален Годишен концерт, кој ќе се одржи утре, 11 јуни 2026 година (четврток), пред платото на Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 20:00 часот.

Публиката ќе има можност да проследи разновидна музичка програма составена од соло тапанарски изведби, рок и поп композиции, како и атрактивни ритмички точки преку кои младите музичари ќе ги претстават своите вештини, музикалност и сценска подготвеност стекнати во текот на изминатата и оваа година.


Школата за тапани важи за една од најуспешните и најатрактивни секции во рамки на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, која низ годините изгради препознатлив музички бренд и создаде бројни млади таленти. Со своите настапи на културни манифестации, концерти и јавни настани, учениците редовно ја афирмираат музичката култура и ја претставуваат Гевгелија во најдобро светло.

Оваа успешна генерација млади музичари се развива под будното око и менторство на познатиот тапанар и музички педагог, Момчило Делев, кој несебично го пренесува своето сценско и педагошко искуство, претворајќи ја детската љубопитност во сигурна изведба, музичка дисциплина и прецизен ритам. Неговата посветеност и професионален пристап со години придонесуваат за создавање нови генерации млади музичари и за афирмација на тапанарската уметност во Гевгелија.

Концертот претставува круна на континуираната работа на учениците и можност тие пред публиката да го покажат својот напредок, талент и љубов кон музиката. Организаторите ги покануваат сите љубители на добриот ритам да бидат дел од оваа музичка вечер исполнета со енергија, ентузијазам и квалитетни изведби. Влезот е слободен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK