Традиционален концерт со учениците од Државните музички училишта во Македонија, насловен „Младите доаѓаат“ ќе се одржи в четврток со почеток во 20 часот.
Диригентка е маестра Бисера Чадловска, а ќе настапат Софија Михајловска – пијано ДМУ Битола (III година во класата на проф. Маја Божиновска), Јане Петровски – пијано ДМУ Битола (VIII одд. во класата на проф. Јана Четелева Белевска), Ива Амелија Микулчиќ – пијано ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (V одд. во класата на проф. Билјана П. Таковска) Јана Јованова – пијано ДМУЦ Штип, Ева Малиновска – виолончело ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (II година во класата на проф. Маре Видевска), Јована Јанкуловска и Деница Дена Симјаноска – соло пеење ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (II и IV година во класите на: м-р Наташа Еленова и м-р Гонца Богоромова Краповски), Ада Богоевска – виолончело ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (II година во класата на проф. Александра Јаневска), Леонид Ржаникоски – саксофон ДМУ Битола (III година во класата на проф. Горан Трајковски), Матеј Зимбаков – контрабас ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (I година во класата на проф. Дејан Митровиќ), Александар Ицковски – виолончело ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (IV година во класата на проф. Александра Јаневска) и Стефан Трајановски – саксофон ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје (I година во класата на проф. Владимир Трајановски).
На програмата се дела од Моцарт, Хајдн, Роули, Бернштајн, Елгар, Крепен, Капуци и Итуралде.
Со префинето чувство за музичка драматургија и сценска енергија, диригентката Бисера Чадловска уште од најраните професионални чекори се наметнува како едно од препознатливите имиња на македонската музичка сцена.
Родена во Скопје во 1978 година, своето музичко образование го започнува и гради во градот во кој подоцна ќе остави значаен уметнички белег. Во 2001 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Одделот за оркестарско диригирање, во класата на професорот Фимчо Муратовски, а својата уметничка надградба ја продолжува на Државната музичка академија во Софија, каде што ги завршува постдипломските студии по симфониско и оперско диригирање.
По завршувањето на студиите започнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет, каде што брзо го привлекува вниманието со својата музикалност, дисциплина и изразена сценска интуиција. Набрзо станува асистент диригент во подготовките на новите оперски продукции, активно учествувајќи во создавањето на значајни премиери на сцената на МОБ.