Арне Слот повеќе не е менаџер на Ливерпул, потврди клубот од „Енфилд“.
„Ливерпул може да потврди дека Арне Слот ја напушта позицијата шеф на тренерскиот штаб со непосреден ефект, а процесот на назначување на неговиот наследник е веќе во тек. Од клубот си заминува со титулата шампион на Премиер лигата и со наша најдлабока благодарност и почит за сè што направи“, изјавија од „Енфилд“.
Информацијата сигурно не е изненадувачка ако се погледнат резултатите на „Црвените“ минатата сезона, особено ако се знае какви беа очекувањата на клубот кога го наследи Јирген Клоп на клупата.
Тренерот на Борнмут, Андони Ираола, се споменува како прв фаворит за испразнетото место. Шпанскиот стручњак остави одличен впечаток во Премиер лигата и долго време е на радарот на неколку големи европски клубови.
47-годишниот Холанѓанец дојде на „Енфилд“ во 2024 година по одличен период во Феенорд, во првата сезона ја освои титулата во Премиер лигата, но во втората неговиот тим апсолутно потфрли.
Ливерпул ја заврши сезоната 2025/26 на петтото место со 25 бода помалку од шампионот Арсенал, а нивниот пласман во Лигата на шампионите беше потврден дури во последното коло, иако претходното лето инвестираа речиси 500 милиони евра во ангажирање на звучни засилувања.
Слот ги предводеше „Црвените“ во 113 натпревари во сите натпреварувања и забележа 66 победи, 19 нерешени и 28 порази.
Пред да дојде во Англија, тој ги водеше Камбур, АЗ Алкмар и Феенорд, со кои ја освои титулата шампион на Холандија во 2023 година, националниот куп во 2024 година, а во сезоната 2021/22 беше поразен во финалето на Лигата на конференцијата од Рома.
Foto/ Depositphotos