Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи во вторник ќе се најде на владина седница, откако денеска во Владата беше заокружен институционалниот и консултативен процес со сите засегнати страни. Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу порачаа дека новото законско решение е резултат на заеднички компромис, чија единствена цел е заштита на јавното здравје и намалување на бројот на консументи на тутун.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека законот не е носен ад-хок, ниту по принципот на сила, туку преку инклузивен процес во кој беа вклучени производителите, дистрибутерите, хотелиерите и сопствениците на ресторани и ноќни клубови.
„Практично, целокупниот овој процес создаде еден производ во којшто целта на Владата беше да излеземе сите подеднакво незадоволни. Затоа што кога работите ваков еден закон не можете да излезете сите подеднакво задоволни. Затоа што тоа е не е возможно, тоа е алхемија, а ние не сме алхемичари, нити пак чудотворци. Тој што вели дека е чудотворец не ја говори вистината. Така што, мислам дека на крајот од целиот овој процес сите ние имаме по малку некое мало ограничено незадоволство, но сите сме среќни затоа што постигнавме заеднички компромис и денешната наша средба е овде во Владата е токму резултат на тој еден заеднички компромис“, изјави Мицкоски.
Ригорозни контроли
Една од клучните пораки на премиерот беше насочена кон доследната примена на законот, што според него не било случај со претходните законски решенија од оваа сфера. Тој гарантира дека инспекциите ќе бидат немилосрдни и ќе важат подеднакво за сите.
„Верувајте ни инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата, ова го повторувам, нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што ќе нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон. Неколку законски решение оваа Влада во изминатиот период одлучи да изработи, коишто многумина ни велеа може ќе штети на политичката репутација, но ние одлучивме да влеземе во тие процеси затоа што цениме дека на тој начин ќе заштитиме повеќе човечки животи. Така беше и случајот и кога почнувавме со процесот „безбеден град“; многумина ни велеа „оставете ја оваа работа“, „немате потреба од ова“, „зашто ви се сите овие работи“, но еве во првите четири месеци од годината онаму каде што постои „Безбеден град“ системот ние имаме преполовен број на човечки жртви споредено со истиот период од минатата година. Очекуваме дека и со доследна примена на овој закон, исто така ќе имаме позитивни резултати кога станува збор за здравјето на луѓето“, дециден е Мицкоски.
Црната статистика: Над 3.600 смртни случаи годишно и загуба од 600 милиони евра
Министерот за здравство, Азир Алиу, образложи дека потребата од нов закон произлегува од фактот што постојното решение датира од 1995 година и повеќе не одговара на реалноста, особено со појавата на електронските цигари и несогорливите тутунски производи. Тој презентираше загрижувачки податоци кои се основа на јавно-здравствениот пристап:
– 3.600 смртни случаи годишно (околу 13% од сите смртни случаи во државата) се поврзани со тутунот.
– 38 милијарди денари (над 600 милиони евра) изнесува годишната економска загуба, што е 5,16% од БДП.
– 13,6% од младите на возраст од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, што е највисока стапка од 2002 година. Драстичен е и податокот дека дури 73% од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.
Министерот Алиу појасни дека законот не го забранува производството, увозот или продажбата, туку ја уредува употребата и промоцијата таму каде што се влијае врз здравјето на другите луѓе. Новите правила предвидуваат:
– Чист воздух во сите затворени јавни и работни простории, со целосно опфаќање на електронските цигари.
– Поголема заштита на децата: Забрана за пушење во приватно возило ако во него има дете, како и целосна забрана на оддалеченост помала од 20 метри од влезовите на училиштата, градинките и здравствените установи.
– Крај за сивата зона на терасите: Новиот закон воведува јасен критериум – за да биде дозволено пушење, летната тераса мора да биде отворена од најмалку две страни.
– Забрана за рекламирање на социјалните мрежи: Се воведува сеопфатна забрана за промоција и спонзорства на онлајн платформите и преку инфлуенсерски маркетинг.
– Ефикасен надзор: Наместо досегашниот нејасен систем, прецизно се разграничуваат надлежностите на дури 14 надзорни и инспекциски органи за функционална примена на терен.
Текстот на законот е усогласен по 12 работни состаноци со тутунската индустрија и угостителите, разгледани се 58 коментари од јавната расправа на ЕНЕР, а добиена е и значајна експертска поддршка од Светската здравствена организација (СЗО).
По усвојувањето на владина седница во вторник, предлог-законот веднаш ќе биде проследен на гласање во Собранието.