Фалбите од собраниска говорница, на Христијан Мицкоски, за економските успеси на Владата, не се реална економска слика, туку игра со статистика и бројки кои граѓаните воопшто не ги чувствуваат во секојдневниот живот, велат од Левица.
„Да се фалите со „раст“ на номинален БДП во услови кога државата се задолжува со милијарди евра и кога администрацијата масовно троши буџетски средства во првите квартали, не претставува економски успех, туку вештачко пумпање на статистика. Реалната економија кажува сосема друга приказна. Според макроекономските бројки на Народна банка, имаме пад на земјоделското производство, пад на индустриското производство, зголемен увоз и намален извоз. Домашното производство слабее, а економијата сè повеќе се потпира на задолжување, увоз и јавна потрошувачка наместо на вистинска продуктивност и развој. Економската логика е едноставна, не може да има реален и здрав раст на БДП кога клучните производствени сектори бележат пад. Ова што се претставува како „економски успех“ е во голем дел инфлаторен и фиктивен раст. Номиналниот БДП може да расте поради инфлација, поскапувања и задолжувања, но тоа не значи дека граѓаните живеат подобро“, се наведува во соопштението.
Напротив, велат од Левица, потрошувачката кошничка е драстично зголемена и од ден на ден луѓето сè потешко купуваат основни намирници, платите не го следат растот на цените, а животниот стандард опаѓа.
„Исто така, бројките кои ги истакнува Христијан Мицкоски се проекции на ММФ, што нам не ни дава некаква сигурност дека тие може да се исполнат и дека таква ќе биде ситуацијата. Гледаме дека глобалните текови се менуваат од ден во ден и фалење со фиктивни предвидувања е само чиста манипулација. Народот не живее од статистички презентации и политички спинови, туку од тоа дали може да ја наполни кошничката, да ги плати сметките и да живее достоинствено. А реалноста денес е дека огромен дел од граѓаните не го чувствуваат тој „раст“ со кој власта секојдневно се фали“, велат од Левица.