Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, изјави дека Пекинг очекува договорот за прекин на американско-израелската војна против Иран да биде упатен до Советот за безбедност на ОН на потврда, пренесува агенцијата „Анадолија“.
Американските и другите меѓународни претставници во последните денови изразуваат претпазлив оптимизам поради напредокот во преговорите за завршување на овој конфликт. Ванг истакна дека Кина се надева оти сите вклучени страни ќе останат посветени на прекинот на огнот и на продолжувањето на дијалогот.
„Се надеваме дека засегнатите страни ќе останат посветени на барањето прекин на огнот и дека ќе продолжат да чекорат една кон друга, со цел мирот што е можно побрзо да се врати на Блискиот Исток“, изјави Ванг во седиштето на ОН во Њујорк.
Тој додаде дека Кина смета оти евентуалниот договор мора да биде потврден од Советот за безбедност на ОН.
„Веруваме дека, по постигнувањето на договорот, тој ќе биде доставен до Советот за безбедност на ОН на потврда, со цел да има легитимитет и авторитет“, рече тој.
Кина овој месец претседава со Советот за безбедност на ОН, а Ванг порача дека телото задолжено за меѓународниот мир и безбедност „мора да ги преземе своите одговорности“.
Конфликтот ескалираше откако САД и Израел на крајот на февруари покренаа напади врз Иран. Техеран одговори со напади врз Израел и американските сојузници во Заливот, како и со затворање на Ормускиот Теснец, кој е клучен правец за глобалниот транспорт на енергенси.
Прекинот на огнот стапи во сила на 8 април со посредување на Пакистан, а американскиот претседател Доналд Трамп подоцна го продолжи на неодредено време. Трамп во саботата изјави дека договорот со Иран е главно договорен и дека се чека негово финализирање.