Не треба да се случи несреќа за општината да се сети дека треба да изрекува казни, реагираат од ЗНАМ за свлечиштето


img-5085d038218ce8a61e32495e3b974ed2-v.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Откако вчера се скрши стомната во срцето на Општина Центар, откако пропадна тротоар и падна бандера врз автомобил, видовме како градоначалникот Горан Герасимовски истрча на терен, глуми загриженост и експресно изрекува казни. Како народна изрека вели: откако ќе се скрши стомната, ќе стоиме покрај неа и ќе пишуваме казни. Е па, тогаш ќе поднесете сметка за штетата, но ќе биде доцна“, реагираат од ЗНАМ по вчерашниот инцидент во центарот на Скопје.


Додека градоначалникот си ги исплаќа долговите од изборната кампања и штанца градежни дозволи како на индустриска лента за производство на чоколадо, со што неговиот живот е добро заблажен, безбедноста на граѓаните на Центар, велат од оваа партија, му е во втор план.

Неговите инспекции, како што оценуваат, се исклучиво задоцнети реакции за гасење пожар и дефокусирање на јавноста.

„Не треба да се случи несреќа за општината конечно да се сети дека треба да изрекува казни!

Она што гласно го зборувавме во предизборната кампања, дека Општина Центар под раководство на Герасимовски агресивно и небезбедно се бетонизира, продолжува и бескрупулозно се исполнува под негова палка.
Гледаме како на Водно граѓаните со денови протестираат бидејќи населбата им стана небезбедна за живеење. Гледаме како пропаѓаат тротоари поради необезбедени градилишта. Продолжуваме да ја гледаме општината заглавена во смет и хаос, а Герасимовски сега го нема со ракавиците да излезе и да им помага на хигиеничарите. Како граѓани, со право се прашуваме: што е следното што треба да ни се случи? Дали треба некој да настрада за општината да свати дека инспекциите треба да работат секојдневно, а не само за ПР пред камерите“.

Според ЗНАМ, „медениот период“ како што велат, за градоначалникот заврши.

Од денес, најавуваат дека неговата работа е под строга лупа.

„Општина Центар не е приватна фирма за исполнување желби на инвеститори, туку општина на граѓаните! Наместо инцидентни и задоцнети контроли за смирување на јавноста, потребен е систем.
Затоа, како советничка група на Движењето ЗНАМ: Бараме веднаш да се започне со редовни, но и вонредни инспекциски надзори на сите активни градилишта на територијата на Општина Центар во
рок од еден месец, за да се утврдат пропустите пред да настане нова катастрофа“.

Бараат сите такви извештаи да бидат јавно и транспарентно објавени на веб-страницата на општината.

„За ова наше барање, со кое ќе се воведе систем на постојана контрола, а не ад-хок ПР акции, уште на следната седница на Советот ќе поднесеме официјална иницијатива. Ги повикуваме сите советници, без разлика на партиската припадност, да ја поддржат, бидејќи безбедноста нема партиска книшка.
Центарци заслужуваат да се чувствуваат безбедно во своите домови и на своите улици секој ден, а не само откако медиумите ќе објават скандал“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK