Општина Центар го реализираше настанот „Носталгија за корзо-сеќавање за едно убаво време“, вечер исполнета со музика, игра, емоции и спомени што го вратија шармот на некогашно Скопје.
Настанот започна со симболично корзо низ централното градско подрачје, а продолжи со игранка во ООУ „Димитар Миладинов“, каде граѓаните повторно ја почувствуваа атмосферата на незаборавните скопски прошетки и вечерите исполнети со музика и танцување.
Во топла и ведра атмосфера, повозрасните граѓани евоцираа спомени од младоста, додека помладите имаа можност да го почувствуваат духот и традицијата на старото градско живеење.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека ваквите настани имаат посебно значење за зачувување на автентичниот дух на градот.
„Синоќа успеваме да ги вратиме барем на миг златните скопски времиња. Корзото повторно ги сплоти центарци и покажа дека блискоста, дружењето и почитта сè уште живеат меѓу нас“, порача Герасимовски.