На 26. мај 2026 година, во 19:19 часот, во Културно информативниот центар – Скопје, Салон 19:19, ќе биде промовирана книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“ од Марина Димитриева- Ѓорѓиевска во издание на издавачката куќа „Македоника литера“.
Книгата ќе ја промовираат Нове Цветановски и Ранко Младеноски, стихови ќе чита Ева Стојчевска
Книгата содржи суптилна и издржана лирика во која главни теми се љубовта и човечките доблести и слабости. Книгата содржи близу 80 песни во кои доминантни теми се љубовта, чесноста, почитта, човекољубието, праведноста, женската вистина во општествените, партнерските и семејните односи. Секој лирски текст звучи како лична размисла која алудира на автореференцијалност, најмногу поради првото лице, но од друга страна, тоа е поезија која зафаќа проблеми од секојдневието на урбаниот човек, односно на жената: вредностите на животот и вредностите на љубовта.
Марина Димитриева – Ѓорѓиевска е родена во Скопје во 1978 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна го завршила и магистерски и докторски студии. Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по Македонски јазик. Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).