Во населбата Црниче, Општина Кисела Вода, започна со работа новиот Едукативно-терапевтски центар „Ајнштајн“.
Овој центар нуди нова, современа и специјализирана социјална услуга, наменета за индивидуална работа со деца и млади со различни развојни и интелектуални тешкотии, специфични тешкотии во учењето и говорно-јазични потешкотии. Центарот ќе нуди секојдневна поддршка, преку логопедски и дефектолошки третмани.
Услугата е целосно бесплатна, а ќе ја добиваат децата кои поседуваат соодветна медицинска документација, согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
На отворањето присуствуваа градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, заменикот-министер за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и претседателот на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, Дамјан Николовски. Новата социјална услуга е воспоставена токму преку соработката на Општина Кисела Вода и здружението „Ајнштајн“ како грантисти, а во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги на министерството за социјална политика, демографија и млади, поддржан од Светската банка.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека со ова се решава голем проблем за семејствата кои имаат потреба од ваков тип на стручна помош, а притоа се потпиша и важен меморандум за наставниот кадар во општината.
„Центарот ќе нуди секојдневна поддршка, логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни, интелектуални и говорни тешкотии. Исклучително важно е што овие стручни третмани ќе бидат бесплатни и целосно достапни за децата од социјално ранливите семејства, кои вообичаено немаат можност за приватни услуги“, рече градоначалничката.
Истовремено, додаде таа, со здружението „Ајнштајн“ денес потпишавме и Меморандум за соработка за имплементација на Еразмус+ проектот „DysAcademy“.
„Со оваа соработка, во директно партнерство со нашите основни училишта, обезбедуваме бесплатен пристап до оваа регионална онлајн едукативна платформа за наставниот кадар од сите училишта на територијата на Кисела Вода. На овој начин, покрај бесплатните третмани за учениците, ние системски им овозможуваме на наставниците и стручните соработници конкретни алатки и обуки за препознавање и работа со деца кои се соочуваат со дислексија, дисграфија или ADHD. Овие чекори овозможуваат конкретна поддршка на локално ниво и за децата и за образовниот систем. Му благодарам на заменик-министерот Велковски за поддршката од министерството, на Здружението „Ајнштајн“ му го честитам отворањето, а на стручниот тим му посакувам успешна работа“, изјави Стаменкоска Трајкоска.
Заменикот-министер за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, потсети дека ова е веќе втор ваков наменски дневен центар што се отвора на територијата на Кисела Вода во текот на само една недела.
Претседателот на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, Дамјан Николовски, нагласи дека паралелно со третманите за децата, неопходно е и континуирано вложување во стручните лица во образовниот систем.