На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Љубљана беше пречекана од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.
Претседателките одржаа тет-а-тет средба, по што следеше пленарен состанок на македонската и на словенечката делегација.
Предмет на разговорот беа билатералните односи, македонската европска интеграција, актуелните геополитички состојби, безбедносната архитектура на Западен Балкан и улогата на НАТО, низ призмата на заедничката посветеност на мултилатералниот поредок и европскиот политички проект.
Сиљановска-Давкова укажа дека кредибилитетот на европската интеграција зависи од доследната примена на Копенхашките критериуми: стабилност на демократските институции, владеење на правото, човекови права и почитување на малцинствата, пазарна економија, способност за справување со обврските од членството, инкорпорирани во Договорот за ЕУ.
Во рамките на официјалната посета, предвидено е претседателката да оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.