Во рамки на ОВЕП програмата поддржана од Олимписка солидарност, во Кавадарци успешно се одржаа вторите Мини Олимписки игри 2026, на кои учествуваа повеќе од 150 ученици од основните училишта во градот, соопшти Олимпискиот комитет.
Преку шест различни спортски и едукативни активности, учениците имаа можност да ги демонстрираат олимписките вредности – фер плеј, почит, пријателство и тимска работа. Настанот помина во одлична атмосфера исполнета со спортски дух, позитивна енергија и голем ентузијазам од страна на сите учесници.
„Секој ученик доби маичка, сертификат и медал за учество, додека најуспешните тројца натпреварувачи беа наградени и со трофеи.
Посебен придонес за успешната организација и реализација на настанот дадоа 10 наставници кои активно работеа со учениците во текот на подготовките и на совладување на Олимпискиот образовен материјал. Благодарение на нивната посветеност и ангажман, учениците беа одлично подготвени, а самиот настан беше реализиран на високо организациско ниво“.
На настанот присуствуваа наставници, директори на училиштата, како и претставници од секторот за образование при Општина Кавадарци. Од страна на општината и директорите на училиштата беше изразена подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Комитетот, со цел понатамошна афирмација и промоција на спортот и олимписките вредности во Кавадарци, град препознатлив по својата спортска традиција.
Во рамки на активностите беа донирани спортска опрема за две училишта, како и училишен инвентар и реквизити кои ќе придонесат за понатамошна реализација на едукативни и спортски активности со учениците.
Мини Олимписките игри 2026, како што е нагласено во соопштението, уште еднаш ја потврдија важноста на спортот како алатка за едукација, социјализација и градење позитивни вредности кај младите.
„Оваа активност претставува само дел од заложбите за континуирана промоција на олимпискиот дух и спортската култура меѓу младите генерации“.