„Генералка викенд“ од 8 до 10 мај – десетици илјади волонтери ќе чистат на 500 локаци во Македонија


generalka-vikend1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На 8, 9 и 10 мај, по шести пат ќе се одржи годишната и најмасовната еко-акција во земјава и целиот Балкан – „Генералка викенд“. Рекордниот еко настан мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, 600 организации, јавни институции и приватни компании.


„Ова е најголемата логистичка операција досега за собирање отпад и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. ‘Генералка викенд’ прерасна во национална годишна традиција која докажува дека грижата за татковината може да обедини луѓе од различни, општествени, културни и јавни средини“, велат организаторите.

Акцијата ќе се спроведува три денови истовремено на повеќе од 500 локации, во 80 општини низ целата земја. Овие еко акции се организирани и координирани од општините во соработка со Црвениот крст.

Официјалниот настан за отворањето на „Генералка викенд“ 2026 е во 9 часот на 8 мај и ќе го води Град Скопје со чистење на кејот на реката Вардар. Еко акцијата е организирана и поделена во осум тимови, на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката Вардар. Во соработка со Комунална хигиена и Паркови и зеленило ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.

Помеѓу многуте активности, се спроведуваат и посебни акции како што се: Чистење на дивите сметилишта во Националниот парк Шар Планина, предводени од 20 припадници на Вооружените сили на Р.С. Македонија, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад Саубермахер и локалното население.

Ќе се спроведе и еко акција во Охрид (Конгресен центар), за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите Сороптимист Мома Охрид и Сороптимист Вадуц како дел од најстарата и најголема светска женска организација Сороптимист Интернешнл и со поддршка на Саубермахер.

Покрај сите активности за чистење на терен, преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, еко-образовната програма „Еко час“ се спроведува во училиштата низ целата земја и во соработка со „Генералка викенд“.

Еко акцијата е волонтерска иницијатива, каде што учесниците се одговорни за сопствената безбедност и стана најголемата еколошка акција досега во нашата земја. Пораката е: Подготвени сме да го рециклираме отпадот од минатото за зелена иднина. Максимата на иницијативата останува иста: „Да се извалкаме и да исчистиме!“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK