Учениците и наставниот кадар од ООУ „Гоце Делчев“ и оваа година со достоинство и почит го одбележаа патрониот празник на училиштето и 123-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, извести општина Илинден.
„Одбележувањето започна со традиционално положување свежо цвеќе пред бистата на патронот, со што симболично беше оддадена почит кон неговото дело и придонес во борбата за слобода. Свежо цвеќе положи делегација од Општина Илинден, предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, директорката на училиштето, како и директорите на општинските основни училишта, средното училиште и детската градинка, претставници од сојузот на борци и бројни граѓани.
Во рамки на свечената програма, учениците реализираа богата културно-уметничка содржина, во која беа опфатени музички точки, литературни интерпретации и драмски изведби инспирирани од животот и идеалите на патронот.
Со ваквите активности, училиштето уште еднаш ја потврдува својата посветеност во негување на историското наследство и промовирање на вредностите на слобода, знаење и почит, со што се надоврзува и заложбата на општина Илинден за континуирана поддршка на образовните институции и негување на културното и историско богатство“, соопшти општината Илинден.