Македонскиот национален павилјон во Венеција ќе биде отворен в петок


velimir-zhernovski-atelje.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Доделувањето на главните награди „Златен лав“ во неколку категории е одложено за 22 ноември, откако Меѓународното жири минатата недела поднесе колективна оставка


Во Венеција пристигна уметничкиот тим што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е закажано за петок, 8 мај, во 18.30 часот, каде ќе биде изложен проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски. Нашето претставување го организира Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Македонскиот национален павилјон е на локацијата Спацио Кастело 77 на влезот во престижното Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.

Венециското уметничко биенале е најстарата ликовна манифестација во светот и ќе се одржи од 9 мај до 22 ноември. На 9 мај требаше да бидат доделени и главните награди „Златен лав“ во неколку категории, но оваа церемонија е одложена за 22 ноември, откако Меѓународното жири кон крајот на минатата недела поднесе колективна оставка.

„Поради оставките на Меѓународното жири на 61. Интернационална уметничка изложба и поради моменталната меѓународна геополитичка ситуација, Биеналето реши церемонијата на доделување награди да се одржи на 22 ноември, последниот ден отворен за јавноста“, пишува во соопштението на Венециското биенале.

Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Изложбата ќе ја реализира тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе бидат претставени дела од 110 уметници од целиот свет. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.

Според кураторите Тихомир Топузовски и Аманда Буткез, инсталацијата на Жерновски ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети. Авторот во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм, материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Кураторите објаснуваат дека уметникот со овој материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења. Златото ја обвиткува фигурацијата на делото во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.

Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Преку медиумите на цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн, тој ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура. Реализирал самостојни изложби во: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.

Венециското биенале веќе 130 години е една од најпрестижните културни институции во светот. Првата Меѓународна уметничка изложба била организирана во 1895 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK