Полицијата приведе 37-годишен жител на Велес по инцидент на регионалниот пат Чашка–Велес, каде според пријавата агресивно се однесувал кон друг возач, го следел и му се заканувал со остар предмет.
Од МВР информираат дека на 1 мај 2026 година во 17:00 часот бил лишен од слобода Т.Р. (37) од Велес.
Според пријавеното, тој управувајќи автомобил „опел“ со кумановски регистарски ознаки, при претекнување му упатувал закани на А.Ѓ. (28) од Велес, кој управувал „форд“ со велешки таблички.
Потоа го следел, а кога А.Ѓ. застанал со возилото, Т.Р. удрил во неговиот автомобил, го напуштил местото, но кратко потоа се вратил и повторно му се заканил, овојпат со остар предмет.
Предметот бил пронајден и одземен, а полициските проверки утврдиле дека Т.Р. бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,26 промили алкохол во крвта.
Тој е задржан во полициска станица, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.