Газдата на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, е казнет за неговото однесување за време на реваншот од плејоф серијата помеѓу Валенсија и „Зелените“.
На Димитрис Јанакопулос му е забрането да присуствува на следните три натпревари од Евролигата што ќе ги игра Панатинаикос, како и парична казна од 10.000 евра, поради неговото однесување за време на вториот натпревар од плејоф серијата помеѓу Валенсија и Панатинаикос, објави „Еурохупс“.
Како што понатаму се наведува, „Евролигата ќе им предложи на своите акционери ревизија на релевантните одредби од Дисциплинскиот правилник што се однесуваат на ваков вид однесување, вклучувајќи јасно дефинирани и специфични сериозни прекршоци што можат да бидат казнети со доживотни забрани за поединци“.
За потсетување, Јанакопулос беше обвинет дека се приближил до записничката масата и ги навредил судиите за време на натпреварот против Валенсија.
Неговото однесување беше окарактеризирано од тренерот на домашниот тим, Педро Мартинез, како „срамно“, на што Јанакопулос му одговори дека е „лажго“.
Суспензијата значи дека Јанакопулос нема да може да го гледа својот тим на Ф4 турнирот. Завршниот турнир се игра во арената на Панатинаикос од 22 до 24 мај.
ПАО води со 2-0 во серијата, а следниот натпревар против Валенсија е закажан за среда во Атина.
Foto/ EPA