Сиљановска-Давкова: Имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!


gordana-siljanovska.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја упати следната порака:


„Драги сограѓани, почитувани работници,

И годинава, Први мај не потсетува на долгата, тешка, праведна и достоинствена борба на работниците за признавање на трудот како извор и творец на вредности.

Денешниов празник е доказ дека решителниот работнички бунт за осумчасовно работно време, кренат во Чикаго од над 10 000 работници во 1886 година, и по повеќе од еден век, сè уште ги инспирира и повикува на единство и солидарност работниците во борбата за нивните права, работодавачите на преиспитување на односот кон нив, а носителите на власта, на промисла на економската и социјална политика, низ призма на демократијата.

Одбележувањето на Денот на трудот во над 160 држави е вистински момент за соочување со сè уште актуелните прашања: дали ги почитуваме општо прифатените норми на меѓународното трудово право?; дали сме само уставно, или и во стварноста социјална држава?; дали социјалната правда е идеал или реалност?; дали работничкиот труд е соодветно вреднуван, односно дали работниците се правично наградени за работата и можат да напредуваат согласно знаењето и вложениот труд?; дали се безбедни и сигурни на работното место?; дали и зошто има случаи на присилна работа?; дали секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место?; дали секој вработен има право на платен дневен и неделен и годишен одмор?; каков е односот на колективните партнери кон колективните договори и правото на штрајк?

Од одговорите на гореспоменатите прашања зависи уживањето на економските и социјални правa од страна на работниците, коишто пак, го детерминираат обемот и квалитетот на нивните културни права.

Не смееме да заборавиме дека синдикалното организирање, правото на протест и социјалниот дијалог се предуслови за рамнотежа меѓу економските интереси и социјалната правда.

Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!

Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал, ако сакаме да ги задржиме тука, или да ги вратиме дома. Да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни! Среќен Први мај!“, порача Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK