Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Германија со намалување на бројот на американски војници стационирани во земјата, во најновиот потег во растечкиот спор со сојузниците од НАТО.
Заканата доаѓа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Иран ја понижил Америка во преговорите.
На својата социјална мрежа „Трут Соушал“, Трамп објави дека неговата администрација „проучува и разгледува можно намалување на бројот на војници во Германија“ и дека одлуката ќе биде донесена „во краток рок“.
Повод за реакцијата на Трамп беше изјавата на Мерц од понеделникот, во која германскиот канцелар оцени дека тимот на Трамп бил надмудрен во преговорите со Иран за завршување на војната и повторно отворање на Ормутскиот Теснец.
„Иранците очигледно се многу вешти преговарачи, или подобро кажано, многу вешти во непреговарање. Ги пуштија Американците да патуваат во Исламабад и да се вратат без никаков резултат“, рече Мерц.
Тој критиките ги повтори и вчера, нагласувајќи дека Европа „трпи“ поради затворањето на теснецот.
Трамп возврати со обвинување дека Мерц смета оти „е во ред Иран да има нуклеарно оружје“ и порача дека германскиот канцелар „не знае за што зборува“.
Минатата недела Трамп го откажа второто патување на американските преговарачи во Исламабад, а преговорите за иранската нуклеарна програма и Ормутскиот Теснец оттогаш се во застој.
Иако Мерц во средата се обиде да ја смири ситуацијата, отфрлајќи ги коментарите на Трамп и велејќи дека нивниот однос е „добар како и секогаш“, заканата за повлекување војници веројатно ќе предизвика загриженост во Берлин и низ Европа.
Овој потег доаѓа во време на засилени тензии меѓу САД и традиционалните европски сојузници, додека Трамп сè погласно се заканува со повлекување од НАТО.
На 1 април Трамп изјави дека „без никакво сомневање“ размислува за излегување од НАТО, бидејќи европските сојузници не учествувале во американско-израелската војна против Иран ниту помогнале во обезбедувањето на стратешки важниот Ормутски Теснец.
Таков потег би бил катастрофален за европската безбедност, но се смета за малку веројатен поради американскиот закон од 2024 година кој му забранува на претседателот да се повлече од НАТО без двотретинско мнозинство во Сенатот или одлука од Конгресот.
Според експертите, Белата куќа наместо тоа би можела да преземе чекори што го поткопуваат сојузот, без формално повлекување — како што е токму намалување на американското воено присуство во Европа.
Според податоците на американското Министерство за одбрана, во Европа се стационирани повеќе од 68.000 американски војници, од кои најголемиот контингент е во Германија — над 35.000, а според германски медиуми и до 50.000.