Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, учествуваше на „Kosovо Finance Forum 2026“, каде се обрати на тема „Градење доверба на финансиските пазари во Западен Балкан“.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека довербата е клучен предуслов за инвестиции, економски развој и стабилност, особено во време на динамични економски и геополитички промени. Тој нагласи дека европската интеграција останува стратешка цел на Република Северна Македонија и главен двигател на економските реформи, насочени кон создавање предвидлива, транспарентна и конкурентна економија.
Министерот посочи дека пристапот до финансии е од суштинско значење за индустрискиот развој, при што Владата активно работи на креирање политики што поттикнуваат инвестиции, отворање нови работни места и развој на модерни индустрии. Во таа насока, фокусот е ставен на дигиталната и зелената трансформација, како клучни двигатели на економскиот раст.
Дурмиши информираше дека преку нови финансиски инструменти, грантови и ко-инвестициски механизми се олеснува пристапот до капитал, особено за малите и средни претпријатија, кои претставуваат столб на економијата. Дополнително, со формирањето на Агенцијата за иновации и развој – ИНОВА, се зајакнува институционалната поддршка за иновации, истражување и развој.
Тој најави дека со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои ќе стапат во сила од 2026 година, ќе се воведе систем што ќе ги стимулира инвестициите со висока додадена вредност, нови работни места и технолошки напредок.
Во делот на пазарот на труд, министерот истакна дека се обезбедени 40 милиони евра за активни мерки за вработување, насочени кон младите, невработените и поддршка за претприемништво, со цел создавање квалитетни и одржливи работни места.
Посебен акцент беше ставен на секторите со висока додадена вредност, како што се информатичко-комуникациските технологии (ICT) и секторот за деловни процеси (BPO), кои се препознаени како клучни за економската трансформација и зголемување на конкурентноста.
Министерот Дурмиши ја нагласи важноста на регионалната соработка, посочувајќи дека земјите од Западен Балкан заеднички можат да создадат конкурентен и атрактивен пазар за инвеститорите. Во тој контекст, Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан беше оценет како историска можност за забрзување на реформите и економскиот развој.
„Западен Балкан не е само регион – тој е економски потенцијал. Нашата задача е тој потенцијал да го претвориме во инвестиции, иновации и одржлив раст“, порача министерот Дурмиши.