Божиновска од Женева: Инклузивната транзиција и одржливото управување со ресурси се темел на идната енергетска политика


img_1306.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на високопрофилен панел насловен „Social Engines of Sus-tainable Resource Management: Gender Equality, Intergenerational Justice, and why Extractive Legacies Matter“, каде испрати силни пораки за праведна, инклузивна и одржлива енергетска трансформација. Панелот се одржа во рамки на UNECE Resource Management Week 2026 што се одржува во Женева.


Во своето обраќање, Божиновска истакна дека присуството на Македонија на овој значаен меѓународен форум претставува потврда за нејзината активна улога во глобалните процеси, додека учесниците посебно ја поздравија професионалната и беспрекорна организација на 14-тиот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој во Скопје, оценувајќи го како пример за успешно организирана меѓународна конференција од која произлегуваат нови партнерства и конкретни активности.

Божиновска нагласи дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку длабока општествена трансформација која мора да се темели на еднаквост, инклузија и меѓугенерациска одговорност. Таа подвлече дека родовата еднаквост и балансот меѓу генерациите не се споредни прашања, туку суштински двигатели на одржливото управување со ресурси и енергетскиот развој.

Во своето излагање, министерката се осврна и на улогата на жените и младите во енергетскиот сектор, нагласувајќи дека иднината на индустријата ќе биде поуспешна, поиновативна и поотпорна доколку овие групи се целосно вклучени во процесите на одлучување и креирање политики.

„Кога зборуваме за енергетска транзиција, зборуваме за луѓе, за можности и за праведност. Жените и младите не се само учесници во овој процес, тие се негови носители“, истакна таа, додавајќи дека вистинскиот напредок започнува кога талентот, а не полот или возраста, е критериум за успех.

Посебен акцент беше ставен и на концептот на меѓугенерациска правда, при што Божиновска нагласи дека денешните политики мора да обезбедат долгорочна одржливост и одговорно користење на природните ресурси, со цел идните генерации да имаат повеќе, а не помалку можности. Таа посочи дека Министерството веќе активно соработува со универзитети и млади професионалци преку практикантства, партнерства и институционално вклучување, при што значителен дел од кадарот се млади луѓе, што претставува јасна насока кон инвестирање во иднината.

„Да создадеме систем кој не е товар за утрешнината, туку основа за нејзин развој“, рече Божиновска.

Божиновска истакна дека одржливото управување со ресурси бара заедничка акција и силна меѓународна соработка, оценувајќи дека ниту една држава не може самостојно да се справи со предизвиците на енергетската транзиција. Во таа насока, таа потенцираше дека Македонија останува посветена на интеграција во европските и глобалните енергетски текови, развој на обновливи извори на енергија и зајакнување на институционалните капацитети за транспарентно и одржливо управување.

„Одржливоста не е крајна цел, туку континуиран процес кој бара визија, храброст и партнерство“, порача министерката, додавајќи дека вистинската сила на енергетската транзиција лежи во луѓето, во нивната еднаквост и во заедничката одговорност за иднината.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK