Вкупната проценета штета од силниот ветер што на 18 февруари 2026 година го зафати подрачјето на Општина Гевгелија изнесува 10.736.840 денари, согласно Елаборатот за процена на штети, усвоен на 9. седница на Советот на Општината одржана на 27 април 2026 година. Невремето, проследено со силен ветер, предизвика штети од поголем обем на јавен и приватен имот, при што се зафатени земјоделски површини, пластеници, станбени објекти, помошни објекти и моторни возила. Најпогодени се населените места Гевгелија, Негорци, Прдејци, Богородица, Мрзенци и Смоквица, од каде што се поднесени и најголем број пријави за штета. Вкупно се поднесени и обработени 34 пријави, од кои 30 од физички и 4 од правни лица.
Комисијата за процена и утврдување на штети извршила теренски увид во периодот по невремето, при што се констатирани оштетувања со различен интензитет, кои се движат од 30% до 100%, во зависност од локацијата и степенот на изложеност на силниот ветер. Во делот на земјоделството, евидентирани се оштетувања на површина од околу 1,04 хектари, со зафатени различни земјоделски култури во повеќе фази на развој. Кај станбените и другите објекти, утврдени се оштетувања на кровни конструкции, при што вкупната евидентирана оштетена површина изнесува над 3.400 квадратни метри. Дополнително, регистрирани се оштетувања и на моторни возила.
По усвојувањето на Елаборатот, Советот на Општина Гевгелија донесе заклучок документот да биде доставен до надлежните институции- Републичката комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел негово понатамошно разгледување и преземање соодветни мерки за ублажување на последиците. Во Елаборатот се посочува и потребата од зголемена информираност и користење на механизмите за осигурување, особено во делот на земјоделството и станбениот фонд, со цел намалување на ризиците и последиците од идни елементарни непогоди.